Фото: Clemens Bilan / EPA

Како реагираат германските политичари по терористичкиот напад во Берлин?

Шок и тага по нападот во Берлин — политичарите бараат да има последици. Прашуваат зошто осомничениот сторител бил на слобода? Експертите се сомневаат дека сите потенцијални терористи би можеле да бидат под надзор.

Берлин, главниот град на Германија, е во шок. И два дена по ужасниот напад врз учесниците на Парадата на гордоста во саботата. „Жалост и неверување по нападот“, гласи денешниот наслов во весникот „Тагесшпигел“. Стотици илјади луѓе мирно славеа и се залагаа за правата на хомосексуалците и на квир луѓето, сè до моментот кога напаѓачот со бел автомобил удри во толпата околу 22 часот среде пешачките патеки во Тиргартен во срцето на градот, а не на асфалтиран пат.

Една жена беше убиена, а 29 луѓе делумно тешко повредени. Очевидци велат дека возилото се движело со брзина до 80 километри на час. Властите во меѓувреме поаѓаат од тоа дека станува збор за намерен терористички напад од страна на исламист. Откако возилото се удрило во дрво, сторителот наводно ги нападнал учесниците и со мачети, а потоа успеал да избега. Уништениот автомобил го оставил на местото на настанот.

Мерц: „Покажете лице на едно отворено општество!“

Тага и шок на лицата на луѓето во Берлин. Морничава тишина надвиснува над градот. Попладнето многу луѓе се собраа на комеморација во црквата „Света Марија“ во близина на Бранденбуршката капија. Дојде и канцеларот Фридрих Мерц.

Тој рече дека ќе направи „сè за да ја заштитиме слободата на нашата земја и нашето општество, сè!” На ожалостените им порача „заедно застанете, славете, покажете го радосното лице на нашето отворено, слободно општество“, Но, никому не му е до славје во моментов.

ВИДЕО | Прекината е „Парадата на гордоста“ во Берлин — возило удри во група луѓе, има повредени

Осомничениот напаѓач е мртов

Во неделата навечер се прошири веста дека осомничениот сторител, Абдул Б., е мртов — застрелан од полицијата во градина во западниот берлински округ Шпандау. Се вели дека дојава од неговиот круг познаници ги довела истражителите до него. Единица за специјални операции очигледно отворила оган откако мажот ги нападнал полицајците со нож.

21-годишниот германски државјанин, син на жена по потекло од Либан, очигледно ѝ бил познат на полицијата. Тој наводно симпатизирал со исламистичката терористичка група „Исламска држава“ во Сирија и се обидел минатото лето да стаса до Сирија преку Турција и Либан за да им се приклучи на борците на Исламска држава, но бил приведен во Либан, вратен во Германија во ноември 2025 година и ставен во притвор.

Целата полиција во Берлин е на нозе — се бара Абдул Б., кој со минибус влета во луѓе на „Прајдот“

Подоцнежниот напаѓач од средината на мај на слобода

Во Берлин бил изведен пред суд за подготовка на сериозен чин на насилство што ја загрозува државата. Обвинителството побарало затворска казна од две години и десет месеци, но судот го ослободил младиот човек, изрекувајќи условна казна од една година и десет месеци.

Симпатизерот на Исламска држава бил на слобода од средината на мај годинава. Обвинителството поднесе жалба на одлуката, а пресудата сè уште не е изречена. Неговиот телефон бил повремено прислушкуван, но тој не бил под опсежен надзор.

Слободен и покрај евидентни симпатии кон Исламска држава? Тоа веќе не смее да се повтори, изјави во неделата соијузниот министер за внатрешни работи Александар Добринт.

„Дел од процесирањето на случајот ќе биде и прашањето дали условни казни се навистина соодветни во вакви случаи. Се работи и за тоа дека е можно да се ограничи слободата на движење на овие лица“, рече Добринт на втората германска програма.

А Себастијан Фидлер, експерт за внатрешна политика на Социјалдемократите и коалициски партнер, прашува „што всушност се случило по неговото ослободување од затвор? Со кого имал контакти? Иако бил под надзор, очигледно има пропусти и треба многу внимателно да го испитаме ова, а така и ќе биде, во тоа не се сомневајте“, вели тој.

На втората германска програма, експертот за тероризам Петер Нојман од Кингс колеџ во Лондон вели дека „севкупно погледнато нашите закони за тероризам се премногу благи“. Затворските казни во Германија се прекратки во споредба со другите европски земји, како на пример Франција и Велика Британија.

Мониторинг на сите потенцијални терористи?

Но, многу експерти посочуваат и дека е тешко непрекинато да се следат луѓето кои германски суд не ги осудил на затворска казна.

Сојузната служба за заштита на уставниот поредок проценува дека во Германија моментално има околу 420 лица класифицирани како „исламистички загрозувачи“. Со тоа се мисли на лица за кои властите сметаат дека де факто се кадарни да сторат терористички чин. Дали и Абдул Б. бил дел од нив не е познато. Сепак, експертите проценуваат дека властите би биле безнадежно префорсирани ако треба сите овие лица да ги надгледуваат 24 часа на ден, особено затоа што потенцијалот за насилни исламисти во Германија е значително поголем и се проценува на околу 9 илјади лица.

Осомничениот напаѓач учествувал во курс за дерадикализација

Претседателот на „Сојузното здружение на германски сојузни полицајци“, Дирк Пеглов, за весникот „Ханделсблат“ денеска рече дека „кај лице со толку висок степен на ризик за загрозување, ослободувањето од притвор не смее да значи крај на надзорот од државата“.

Но, Пеглов, исто така, истакнува дека ако од властите се очекува „особено опасни лица да ги следат во пролонгирани временски периоди, службите за државна безбедност и надзор мора да бидат„соодветно персонално, технолошки и организациски опремени“, што во моментов не се.

Значителна вознемиреност предизвика и веста дека судот на младиот човек му наложил да присуствува на вкупно 26 сесии во центарот за де-радикализација. Абдул Б. веќе поминал две од овие сесии, а третата била закажана за овој понеделник. Друг осомничен, кој, исто така, наводно бил во автомобилот, во меѓувреме е ослободен од притвор.

Извор: DW / Автор: Јенс Турау

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот