Мост Михајло Апостолски/Фото: Слободен печат

Завршена експропријацијата кај Момин Поток, со мостот „за ловење риби“ оди потешко

Скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски тврди дека во изминатите пет месеци целосно се решени имотно-правните односи кај Момин Поток и дека се направени 20 експропријации.

Решавањето на имотно-правните односи, односно експропријација на објектите што се наоѓаат на трасите на неколку битни инфраструктурни проекти, ја запреа или ја забавија изградбата започната уште пред повеќе од пет години. Односно, како што тврди градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, изградбата почнала без решавање на овие прашања, па откако се „копнало на неколку места“, активностите завршиле.

Некои од тие проекти се мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој иако со години изграден служи само за пешаци, или како што се нарекува на шега „мост за ловење риби“. Тој речиси завршува до првите куќи во Ќерамидница, па така целта поради кој беше граден за да го олесни протокот на сообраќај и да овозможи директно поврзување на општините Аеродром и Гази Баба, сѐ уште е далеку од реализација.

Момин Поток/ Фото: Град Скопје

Експропријацијата во изминатите години ја запре и изградбата на клучката и мостот кај Момин Поток. Ѓорѓиевски, одговарајќи на советничко прашање на последната седница на Град Скопје, објасни дека во изминатите пет месеци целосно се решени имотно-правните односи и дека се направени 20 експропријации, посочувајќи дека станува збор за сложени постапки.

 Во суштина една постапка е едно семејство со кое треба да постигнете договор за одредена сума Градот да изврши експропријација, односно да го исели оттаму. Најчесто станува збор за куќи во кои живеат луѓе, живеат фамилии. На пример, во Момин Поток имаше две ситуации каде што на едната позиција имаше три семејства, а на другата две, и тоа е малку пообемен и покомплициран процес што бара посериозен ангажман и мој личен и на службите што работат. Онаму каде што не можеме да постигнеме договор, односно каде што побарувањата за странката се логички, но за нас нелогички, таму судот ги решава процесите – посочи градоначалникот.

Пред два месеца Ѓорѓиевски информираше дека почнува изградбата на мостот кај клучката на Момин Поток, каде што е започната монтажата на челичната конструкција на новиот мост што ќе се одвива во неколку фази.

Новиот мост, со должина од 43,5 метри, ќе го премости булевар „Никола Карев“ и ќе ја поврзе кружната крстосница со турбо кружниот тек. Оваа конструкција претставува клучна алка во целото сообраќајно решение и важен чекор кон модернизација на овој дел од градот – соопшти Ѓорѓиевски.

Булевар Борис Трајковски/ Фото: Град Скопје

Со години беше запрено и проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ во делот пред мостот на Драчево, за што граѓаните што живеат во овој дел од градот постојано алармираа за лошата состојба на патот и за сообраќајниот хаос што е секојдневие на овој потег. Причина беа имотноправните односи за што сега градоначалникот тврди дека се решени.

Го имаме булеварот „Борис Трајковски“ каде што со голем број правни субјекти постигнавме да потпишат договор и да започнеме со работа. По Велигден би започнале со работа на таа траса, затоа што и тендерската постапка е во завршна фаза – рече градоначалникот.

Мостовите што не водат никаде сѐ уште залудно „висат“ преку Вардар

Град Скопје ја продолжи и изградбата на улицата „Љубљанска“, која со новиот мост ќе се поврзе со улицата „Скупи“ откако ја добиле потребната согласност од Конзерваторскиот центар.

Со комплетирањето на делот од мостот до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, што би значело дека ќе има подобар сообраќаен пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, значително растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, како и побрз и побезбеден излез кон обиколницата.

 

Мост на Улица Лондонска -Карпош 4 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Мост на улица Љубљанска -Карпош 4 – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Според скопскиот градоначалник во моментов интензивно се работи и кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, чија изградба е завршена уште во 2021 година, но мостот може да се користи само пеш затоа што од страната на Ќерамидница нема улица каде би се одвивал сообраќајот.

Владата дала пари за изградба, почнал да се гради, нема помрднување од мртва точка со експропријацијата. Во изминатиот период има неколку позиции каде што одиме со спогодба, каде што е разумно барањето на оние што треба да бидат експроприрани таму, но има и позиции каде што сме во судски постапки. Конкретно има едно семејство каде што со едниот брат е завршена експропријацијата, куќата е „лепенка“, смета на трасата. Другиот брат не сака да се согласи на сумата што Град Скопје ја утврдил со проценител, бара драстично поголема, речиси двојно од тоа, и тука решението е судот и првото рочиште за тоа е во јуни. Така што таму експропријацијата нема да се заврши, но важно ми е да го направам функционален – нагласи Ѓорѓиевски

Тој нагласи дека се прават огромни напори мостот да се стави во употреба и да се пробие патот, најпрво само со две ленти на излезот од мостот. Во меѓувреме Градот ќе продолжи со постапките што се водат, со кои судот треба да одреди сума што ќе им ја исплати на сопствениците на објектите за да продолжи процесот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот