Џејсон Александар ѝ се извини на 17-годишната старлета поради контроверзниот скеч: „Длабоко жалам за она што се случи“
Американскиот актер Џејсон Александар јавно ѝ се извини на ријалити ѕвездата Кортни Стоден за комичен скеч снимен во 2012 година, оценувајќи дека денес смета оти бил несоодветен, пренесува „Би-би-си“. Во времето кога е снимен скечот, Стоден имала само 17 години.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Александер, најпознат по улогата на Џорџ Костанца во серијата „Сајнфелд“, се појавил со Стоден во скеч на хумористичната платформа „Смешно или умри“ (Funny or Die), кој правел пародија на дневните телевизиски емисии.
Во една од сцените актерот го триел својот мобилен телефон по нејзините гради, шегувајќи се дека во нејзината глава „нема сигнал“, но дека во градите има „одличен сигнал“. Подоцна во скечот се пошегувал и дека, кога ќе наполни 18 години, би сакал да ја одведе зад каучот и „да си го направи своето“.
Откако Стоден повторно ја објави снимката на социјалните мрежи и го доведе во прашање нејзиното снимање, Александер упати јавно извинување.
„Кога денес ќе се навратам на комичниот скеч во кој учествувавме во 2012 година, целосно се согласувам дека беше несоодветен и искрено жалам поради тоа. Но, уште поважно, длабоко жалам за секоја болка или вознемиреност што ѝ ги предизвикал на госпоѓица Стоден. Ѝ го упатувам моето најискрено извинување“, изјави актерот.
Стоден, пак, порача дека со текот на времето сè потешко може да разбере како толку многу возрасни луѓе сметале дека ваквата содржина е прифатлива.
„Кога денес гледам наназад, не гледам комедија. Гледам 17-годишно девојче чие тело стана дел од шега за возрасни. Бев малолетна. Немав законска можност сама да одлучам дали сакам да учествувам. Бев единственото дете во просторијата. Се чувствував многу осамено“, напиша таа.
Таа истакна дека јавно проговорила за искуството затоа што сакала да постави прашање како толку многу возрасни луѓе можеле да гледаат малолетничка и да сметаат дека таквата содржина е прифатлива.
Стоден денес има 31 година и води кампања за донесување закон во Калифорнија со кој минималната возраст за склучување брак би била 18 години, без исклучоци.
Таа се омажи за актерот Даг Хачисон во 2011 година, кога имаше само 16 години, а тој имаше 51. Бракот тогаш бил законски дозволен бидејќи нејзините родители дале согласност. Двојката се разведе во 2020 година.
Според американските закони, во 33 сојузни држави и натаму е дозволено лица на возраст од 16 или 17 години да стапат во брак со согласност од родител или со одлука на суд.
Во меѓувреме, Стоден изјави дека го цени јавното извинување на Александер, но додаде дека приватно никогаш не ѝ се обратил.
„Приватно извинување би имало значење, но уште поважно би било ако навистина ја поддржи борбата за ставање крај на детските бракови. Така одговорноста може да се претвори во вистинска промена“, порача таа.


