Собранието го изгласа ребалансот на државниот буџет
Со 64 гласови „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието попладнево го усвои дополнетиот ребаланс на државниот буџет за 2026 година.
Препорачано
Пратениците од владејачката коалиција на расправата во Парламентот посочија дека ребалансот е насочен кон економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии преку политики. Пратениците од опозицијата, пак, тврдат дека дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот не е насочен кон продуктивен развој, не е развоен и не е социјален, посочувајќи дека на граѓаните не им требаат пароли туку резлтати коишто според нив во овие две години изостануваат.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето рече дека тој претставува навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности, како и за обезбедување средства за исполнување на законските обврски кои во меѓувреме се случуваа и реализација на развојните приоритети согласно степенот на нивната реализација.
Таа додаде дека измените се насочени кон продолжување на политиките за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и потенцира дека денес со изгласувањето на Ребалансот продолжува инвестицискиот циклус, изградбата на инфраструктурата, поддршката за локалниот развој и се обезбедува сигурност и предвидливост за граѓаните и стопанството.
Пратеникот Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економски прашања, на денешната расправа рече дека СДСМ ќе го гласа ребалансот, нема да реплицира, ама побара министерката за финансии, премиерот, власта, да ветат дека утре во 8 часот наутро ќе им ги исплатат субвенциите на земјоделците. Побара и да не ги лажат дека СДСМ ги блокира субвенциите.
Тој по експозето на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска зеде збор во кој почна со тоа дека со ребалансот има 46,2 милијарди денари дефицит, односно расходи повеќе во Буџетот.
„Помината е целата годишна дефицитна рамка од 39 милијарди денари. Старото ветување од пораст од 3,5 отсто од БДП, остана само еден политички спомен. Слабее приходната основа на државата. Таа падна од 214,1 милијарда, на 213,2 милијарди денари. Растат неданочните приходи, задолжувањето и донациите. Капиталните расходи се реализираа само со 66 отсто. Државата најлесно реализира тековно трошење, а најтешко – развој. Инвестиции нема, здрава економска сила, продуктивна економија, нема. Има пад во индустриското производство за 0,3 отсто во првите пет месеци. За разлика од мај 2025 година, индустриското производство е намалено за два отсто. Се крати програмата ‘економски развој’, ‘деловни активности’ итн. Во преработувачката индустрија падот е 2,6 отсто. За исто толку е намален бројот на работниците. Тоа се луѓе, плати, семејства. Потребно беше државата да ги зајакне модернизацијата, технологијата, извозот. Место тоа, буџетот испраќа обратен сигнал и тоа најпластично се гледа кај малите и средните претпријатија. Во државата има 73.310 активни претпријатија. Поддршката за нив со ребалансот, е околу 15 милиони денари. Тоа се по 210 денари по активно претпријатие“, рече Битиќи.
Со дополнетиот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари или повеќе за 2,8 отсто од првичните проекции. Буџетскиот дефицит е проектираниот на 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП.


