Тренерот кој направи чудо со Болоња, но не се прослави во Јуве, сега е фаворит за селектор на Италија
Тијаго Мота се појави како нов сериозен кандидат за селекторската функција во италијанската репрезентација, откако медиумите на Апенините објавија дека разговорите меѓу двете страни веќе се во тек.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според „Газета дело Спорт“, 43-годишниот стратег би можел да биде компромисното решение што ќе ги усогласи ставовите на раководните луѓе во италијанскиот фудбал. Наводно, Паоло Малдини и Леонардо се залагаат за помодерен пристап и нова визија во репрезентацијата, додека претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Џовани Малаго, преферира тренер со поголемо искуство. Мота, според истите извори, ги исполнува очекувањата на сите страни.
Поранешниот италијански репрезентативец следниот месец ќе наполни 44 години. Во текот на играчката кариера во Серија А пристигна во 2008 година како член на Џенова, по што настапуваше и за Интер, а од 2012 година го носеше дресот на Пари Сен Жермен.
По завршувањето на играчката кариера, Мота се посвети на тренерската работа. Ги предводеше Џенова и Специја, а најголем успех оствари со Болоња, која по две одлични сезони ја одведе до историски пласман во Лигата на шампионите.
Во летото 2024 година седна на клупата на Јувентус, но неговиот престој во Торино не траеше долго. Во март 2025 година беше разрешен од функцијата, откако на 42 натпревари оствари биланс од 18 победи, 16 нерешени средби и осум порази.
Доколку биде постигнат конечен договор, Мота би можел да ја добие задачата да ја започне новата ера на италијанската репрезентација и да ја врати меѓу најсилните европски и светски селекции.


