Мбапе собра сили и по настапот на Мундијалот се огласи со емотивно писмо
Иако Франција не успеа да стигне до медал на неодамна завршеното Светско првенство, капитенот Килијан Мбапе остави силен личен печат на турнирот. „Триколорите“ го освоија четвртото место по поразите од Шпанија во полуфиналето (2:0) и од Англија во дуелот за третото место, а напаѓачот со 10 погодоци заврши како најдобар стрелец на шампионатот.
Препорачано
По завршувањето на Мундијалот, Мбапе преку емотивно отворено писмо им се заблагодари на француските навивачи за поддршката, признавајќи дека разочарувањето поради пропуштената шанса за нова светска титула ќе остане долго.
„Ви благодарам. Зад нас е еден месец исполнет со емоции, предизвици и огромна чест што го носевме дресот на Франција. Не го освоивме трофејот и тоа боли. Ќе боли уште долго. Нема да ве лажам“, напиша Мбапе.
Фудбалерот истакна дека признанието за најдобар стрелец не може да ја надомести болката поради неуспехот на репрезентацијата.
„Горд сум што завршив како најдобар стрелец, но многу повеќе ќе ми значеше тоа да го прославиме со светската титула. Можеби ви должевме посреќен крај, но можеме само да ветиме дека дадовме сè од себе“, порача капитенот.
Во својата порака тој им оддаде признание и на соиграчите, нагласувајќи дека индивидуалниот успех е резултат на заедничката работа на целиот тим.
„Без нивната пожртвуваност, додавањата, трчањето и тимскиот дух немаше да ги постигнам тие голови. Ова признание им припаѓа и ним. Како дете сонував да играм барем на едно Светско првенство, а денес зад мене се три настапи, една освоена титула и честа да бидам капитен. Тоа ќе го паметам засекогаш.“
Мбапе не ги заборави ниту навивачите, кои, како што напиша, останувале будни до доцна во ноќта за да ги следат натпреварите и несебично да ја поддржуваат репрезентацијата. Во писмото се осврна и на заминувањето на долгогодишниот селектор Дидие Дешан, кому му се заблагодари за соработката, како и на целиот стручен и логистички тим што стоел зад репрезентацијата.
„На Дидие Дешан веќе му кажав сè што чувствував. Благодарност и до целиот стручен штаб, физиотерапевтите, кондициските тренери, готвачите, возачите и сите оние кои работат далеку од очите на јавноста. Без нив ништо од ова немаше да биде возможно“, порача Мбапе.
По заминувањето на Дешан, француската репрезентација ќе започне нова ера под водство на Зинедин Зидан, кој ќе ја преземе селекторската функција.


