ЕВН - броила за струја / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Мицкоски: Поевтина цена на струјата за 5 до 10 отсто за граѓаните, се прави потрошувачко портфолио

Владата прави потрошувачко портфолио, кое треба да го усогласи со дистрибутерот „ЕВН хоум“ и со државниот производител ЕСМ и оваа или следната недела ќе имаат заеднички работен состанок, со што би се обезбедила просечна цена на струјата од 5 до 10 отсто поевтина од сегашната – најави денеска од Виница премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарски прашања за проектите за искористување обновливи извори на енергија и како може да влијаат врз цената на електричната енергија.

– Така што, ние сега практично ги подготвуваме сите индикатори за да може тие на крајот од годината да го распишат огласот и веќе за следната година да обезбедиме, можеби еден од ретките случаи ќе биде во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до 5 проценти, а можеби и повеќе, пониска цена на електричната енергија. Тоа ќе биде нешто што досега не се случило – да ги искористиме поволностите на обновливите извори на енергија, тоа е сонцето, и во тој микс во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија, која, еве, јас сум умерен оптимист, би била од 5 до 10 проценти поевтина од сегашната – рече Мицкоски.

Претседателот на Владата истакна дека цел на Владата е на крајот од оваа година првпат нашата земја да биде нето-извозник на струја и, како што рече, „мислам дека тоа ќе го постигнеме“.

– Добро е што и државната ЕСМ се консолидира и во првиот квартал, или да бидам попрецизен, очекувам во првата половина од годината првпат да имаме позитивни резултати – од оние 150 милиони евра загуба што ги наследивме, да имаме, мојата прогноза е меѓу 6-7 милиони евра добивка – изјави Мицкоски.

Во однос на проектите за обновливи извори на енергија, премиерот Мицкоски рече дека голем дел од проектите е завршен.

– Но, тоа се политики што застануваат онаму каде што велиме стекнато право. Ние како Влада веќе изработивме еден таков закон. Тука е и потпретседателот на Владата. Да не може веќе такви проекти да се прават на земја, која ќе биде со квалитет од прва до четврта категорија, значи само од петта, па нагоре. Така што, се трудиме, од една страна, да охрабриме и да поддржиме инвестиции, но од друга, да не оштетиме друг тип на инвестиции, како што е, да речеме, земјоделството – истакна Мицкоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот