Најмлада градоначалничка во Јапонија, Шоко Кавата / Фото: Фејсбук

Јапонска градоначалничка испиша историја — таа е првата функционерка што отишла на породилно

Најмладата избрана градоначалничка во Јапонија повторно пишува историја — таа сега стана и првата функционерка во државата која ќе користи породилно отсуство од работа, пренесе Си-ен-ен.

35-годишната Шоко Кавата, градоначалничката на градот Јавата во префектурата Кјото, објави дека ќе земе породилно отсуство, што ја стави во центарот на национална дебата, укажувајќи на големиот недостаток во традиционално патријархалните политички и работни системи на Јапонија.

Кавата, која беше избрана во 2023 година, треба да се породи кон средината на септември. Таа планира да земе вкупно 16 недели породилно отсуство – осум недели пред и осум недели по породувањето – за што се верува дека е првпат за актуелен градоначалник во Јапонија.

Иако вработените во јавниот сектор имаат право на породилно отсуство, не постои законска рамка што го гарантира ова право на избраните функционери.

Кавата вели дека се надева дека нејзиниот потег ќе стане „катализатор за промена на системот“ во време кога Јапонија се соочува со стрмен пад на наталитетот и постојани родови нееднаквости во политиката.

Јапонија ја доби својата прва жена премиер минатата година, додека жените моментално сочинуваат помалку од 15 проценти од членовите на Претставничкиот дом, според податоците од организацијата ИПУ(IPU Parline).

„Се надевам дека ќе ги охрабрам не само вработените, туку и сопствениците на компании, менаџерите и сите вклучени во различни видови работа да ги прифатат животните настани како што се родителството и раѓањето деца, воедно воспоставувајќи соодветна рамнотежа помеѓу приватниот и работниот живот“, изјави Кавата.

За време на нејзиното отсуство, градот со речиси 70.000 жители, сместен околу 460 километри југозападно од Токио, ќе биде управуван од заменик-градоначалник. Сепак, Кавата планира редовно да проверува е-пошта додека е дома со своето новороденче.

Критики на социјалните мрежи

Откако ја објави својата одлука, се појавија критики на социјалните мрежи. Некои корисници тврдеа дека отсуството на јавен службеник од работа е трошење пари на даночните обврзници.

Сепак, Кавата вели дека луѓето со кои разговарала во живо покажале големо разбирање.

„Всушност, ми рекоа да земам отсуство. Вработените во градската администрација, како и граѓаните, без двоумење ми рекоа дека треба да земам пауза“, рече таа.

Бавно темпо на промени

Според Савако Ширахасе, професорка по социологија на Универзитетот во Токио, многу ставови за јавната администрација во Јапонија сè уште се засноваат на „многу застарени претпоставки“ кои не одговараат на потребите на современите жени на пазарот на трудот.

„Самата законска рамка не претпоставува дека градоначалниците или раководителите на јавните институции би можеле да користат породилно отсуство. Но, во исто време, никој не може да спречи некого да го користи. Тоа е еден вид сива зона“ изјави професорката за Си-ен-ен.

Ширахасе се надева дека идните јапонски лидери ќе видат во Кавата пример за создавање подобра рамнотежа помеѓу работата и животот и во јавниот и во приватниот сектор.

Криза со стапката на наталитет

Дебатата за породилното отсуство на градоначалничката Кавата доаѓа во време кога јапонската влада со децении се обидува да го спречи намалувањето на стапката на наталитет.

Јапонија регистрираше само 671.236 раѓања на јапонски државјани во 2025 година, што е нов рекорден минимум и десетта година по ред со намалување на раѓањата.

Во последниве години, државата ги засили мерките за поттикнување на раѓањата – од субвенции и домување до кампањи што ги охрабруваат татковците да земат породилно отсуство за татковци.

Сепак, многу експерти веруваат дека главните причини за ниската стапка на наталитет се длабоко вкоренетата култура на прекумерна работа и растечките трошоци за живот.

Роботи ќе носат багаж на аеродром во Јапонија — тешко се наоѓаат луѓе кои тоа би го работеле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот