Њујорк под закана на голем хаос: Франција и Сенегал може да играат во ист ден со финалето од НБА
Властите во Њујорк и официјално признаа дека посакуваат брза победа на Њујорк во четири натпревари во овогодишното финале на најсилната кошаркарска лига против Сан Антонио Спарс, со цел да се избегне невиден сообраќаен и безбедносен хаос.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Причината е необичното поклопување на распоредот, според кое евентуалниот шести натпревар од големото финале би се одиграл истиот ден кога е закажан и натпреварот од Светското првенство меѓу Франција и Сенегал на стадионот „МетЛајф“ во соседен Њу Џерси.
Доколку финалната серија не заврши порано, шестиот натпревар ќе се игра на 16 јуни во легендарната сала „Медисон Сквер Гарден“ со почеток во 20:30 часот. Дополнителен проблем претставува фактот што дуелот меѓу Франција и Сенегал започнува само пет и пол часа претходно, а десетици илјади навивачи ќе ја користат истата железничка станица „Пен Стејшн“, која се наоѓа веднаш под арената на Никси, за да отпатуваат кон стадионот.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, во изјава за американските медиуми ја потврди сериозноста на ситуацијата, но нагласи дека градските служби се целосно подготвени. Тој порача дека сите навиваат Никси да ја завршат работата во четири натпревари, но истовремено градот се подготвува за секое можно сценарио со цел да се гарантира максимална безбедност.
Сличен став има и гувернерката на државата Њујорк, Кети Хокул, која истакна дека градот без проблем може да се справи со ваков предизвик. Според неа, Њујорк секојдневно опслужува околу шест милиони патници, па бројката од околу 100.000 навивачи кои ќе присуствуваат на двата спортски спектакли е целосно во рамките на капацитетите на градот.
Хокул ги повика граѓаните да не остануваат дома, туку да излезат и да ја почувствуваат атмосферата што ја носи истовременото одржување на два големи спортски настани.
Во пресрет на очекуваните гужви, градските власти поставија 33.000 нови камери во вагоните на подземната железница, а значително е зголемен и бројот на вонредни автобуски и железнички линии кон Њу Џерси. За време на натпреварите ќе бидат воведени бројни ограничувања и блокади на улиците во централното градско подрачје, додека градежните работи и доставата со товарни возила привремено ќе бидат запрени.
„Ова е единствен момент во историјата на градот. Пред само десет години беше незамисливо Њујорк истовремено да биде домаќин на натпревари од Светското првенство и да ги гледа Никс во борба за шампионската титула“, изјави Мамдани, додавајќи дека низ целиот град владее огромна возбуда.


