Јошко Миленкоски: Целта ја остваривме, можеме да бидеме задоволни
Македонската машка одбојкарска репрезентација го заврши првиот турнир од Европската лига 2026 со половичен ефект, откако забележа победа над Луксембург и пораз од селекцијата на Холандија.
Препорачано
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски успешно го отворија новото издание на натпреварувањето и ја исполнија првичната цел поставена пред стартот на турнирот.
Стратегот на националниот тим истакна дека е задоволен од прикажаното, особено од отпорот против фаворизираната Холандија, но и од освоените бодови во дуелот со Луксембург.
„На стартот на уште едно издание на Европската лига бевме домаќини на еден од турнирите и тоа на репрезентациите на Холандија и Луксембург. Реално фаворитската улога на овој турнир ја имаше Холандија, една од светските одбојкарски велесили, која ја оправда со две победи. Луксембург, пак, потврди дека во Европа нема веќе тотални аутсајдери. Македонија во дуелот со Холандија имаше светли моменти и понуди сериозен отпор. Гледано од наша перспектива ние игравме подобро со Холандија отколку против Луксембург иако драстично ослабени со неиграњето на еден од столбовите на нашата игра Александар Љафров. Бевме близу и до освојување на еден сет, што во овој моменти би било еден максимален резултат. Против Луксембург ја оправдавме улогата на фаворити и ги освоивме првите бодови. Со исклучок на првиот сет каде императивот на победа, нервозата и притисокот кој го чувствувавме му дозволија на противникот да го освои. Се понатаму беше рутина и потврда на квалитетот и убедлива победа. Со самото тоа ја остваривме првично зацртаната цел и можеме да бидеме задоволни“, коментира Миленкоски.
По завршувањето на првиот турнир, репрезентативците добија краток одмор, по што повторно се собраа во Скопје за да ги продолжат подготовките во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Следниот предизвик за Македонија ќе биде турнирот во Атина, каде во наредниот викенд ќе се соочи со селекциите на Грција и Исланд.
„Следниот викенд го играме вториот турнир во Атина против репрезентациите на Грција и Исланд. Повторно и тука имаме еден фаворит, тоа е домаќинот на турнирот и една репрезентација како Исланд со која имаме фаворитска улога и императив за победа“, вели Миленкоски.


