Фото: „Слободен печат“

Семејството на Гоце Арнаудов на концертот на Елвир и Јован, ова беше најемотивниот момент на вечерта

Најемотивниот момент на концертот на Елвир Мекиќ и Јован Јованов беше сеќавањето на легендарниот Гоце Арнаудов.

Јован и Елвир одржаа спектакуларен концерт со бројни сценски ефекти во арената „Борис Трајковски“, а целата публика беше облечена во бело.

Еден од најтрогателните моменти на вечерта беше посветен на легендарниот Гоце Арнаудов. Концертот беше замислен како музички спектакл исполнет со хитови, носталгија и специјални гости, а публиката имаше можност да се потсети на песни што оставиле белег на домашната сцена.

На сцената, Елвир ја изведе „Лично твој“, дуетот што пред години го сними со Гоце Арнаудов. Додека песната одекнуваше во салата, на големиот видеобим се прикажуваа фотографии од Арнаудов. Во текот на настапот, Елвир го поздрави и семејството на Гоце, кое беше присутно во публиката, и му се заблагодари за сè што направил за македонската музика.

Песната „Лично твој“ беше објавена во 2008 година и претставува интересен музички спој на поп-звукот на Елвир Мекиќ и препознатливата народна интерпретација на Гоце Арнаудов. Музиката и аранжманот ги потпишува Јован Јованов, додека текстот е на Елвир Мекиќ, што на изведбата на концертот ѝ даде дополнителна симболика.

Гоце Арнаудов важи за едно од најголемите имиња во македонската народна музика. Роден во 1954 година, зад себе остави богата кариера, бројни хитови и препознатлив стил поради кој беше омилен кај неколку генерации публика. Со својата специфична интерпретација и имиџ, Арнаудов беше еден од највлијателните фолк-пејачи на македонската сцена. Почина во 2011 година од рак, но неговите песни и денес живеат меѓу публиката.

Токму затоа, изведбата на „Лично твој“ на концертот на Елвир и Јован не беше само музички момент, туку и силен омаж за човекот кој остави неизбришлива трага во македонската музика.

Гоце зад себе ги остави сопругата Силвија и двете деца, Харита и Оскар. Негова ќерка е познатата пејачка Кристина Арнаудова.

„Со Гоце бев речиси цел мој живот, од моите 15 години. Тој беше мојот живот. Со него поминав многу искушенија и препреки, но и безброј среќни моменти што го сочинуваат животот. Тој нѐ напушти на свои 57 години. Останав без Гоце кога имав 50 години. Оттогаш до денес како да ми застана времето. Немам промени во чувствата кон него, љубовта останува и тоа непроменета“, изјави во една прилика за „Женски магазин“ Силвија Арнаудова.

ВИДЕО | Полна сала облечена во бело за Јован Јованов и Елвир Мекиќ, се појавија Врчак и други ѕвезди

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот