Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП18 | Отец Иринеј: Не може човек да биде христијанин, а да не оди в црква
Архимандритот отец Иринеј во гостувањето во „Попкаст со Мартин Богатиноски“ зборуваше за значењето на христијанските имиња, за начинот на кој се слави именден, за важноста на црковниот живот, но и за предизвиците со кои денес се соочуваат православните христијани во време на масовни информации, интернет и површно разбирање на верата.
Имињата што ги носиме не се само лична ознака, ниту семејна навика пренесена од генерација на генерација. За православниот човек, тие често се врска со христијанското наследство, со светителите, со преданието и со духовната меморија на народот.
Препорачано
За тоа зборуваше архимандрит отец Иринеј во гостувањето во „Попкаст со Мартин Богатиноски“, посочувајќи дека имињата како Никола, Димитриј, Михаил и многу други не се појавиле случајно во нашиот народ.
„Имиња како Никола, Димитриј, Михаил, не ги имаме ние тукутака. Тие се наше христијанско наследство. Не се тие чисто словенско наследство, туку се христијанско наследство. И човек кога ќе се замисли за своето име, кога ќе се потруди да прочита малку за житието на тој светител, можеби нешто ќе проработи во него“, рече отец Иринеј.
Тој објасни дека зад многу имиња постои подлабоко значење, а дел од нив имаат и свои преводи или христијански паралели, кои денес не се секогаш познати кај народот.
„Има еден куп други имиња коишто имаат преводи, меѓутоа не се толку познати. Мислам, познато ни е дека Светлана е Фотини, меѓутоа имаме и маченичка Хионија, којашто е Снежана“, истакна отец Иринеј.
Како се слави именден?
Во разговорот беше отворено и прашањето дали постои некакво строго правило како треба да се слави именден, односно дали Црквата пропишува точен начин на одбележување.
Според отец Иринеј, суштината не е во надворешната форма, туку во молитвеното сеќавање на светителот чие име човек го носи.
„После литургијата, дури и ако нема некојпат литургија, може да се донесе коливо, односно варена пченица, која се благословува во спомен на светителот“, објасни тој.
На тој начин, именденот не се сведува само на честење, дружење или семејна традиција, туку добива духовна димензија – спомен на светителот, молитва и потсетување дека името носи одговорност.
За пишувањето за Црквата и погрешните толкувања
Отец Иринеј се осврна и на начинот на кој Црквата често се претставува во јавноста. Според него, проблемот понекогаш е незнаење, но понекогаш и недобронамерност.
„Многу пати кога други луѓе пишуваат за црквата, дали од незнаење, некојпат и од недобронамерност, некои работи не се пренесени како што треба“, рече тој.
Во таа насока, тој зборуваше и за потребата Црквата самата да биде присутна во јавниот простор, особено преку современи медиуми и платформи, за верниците и пошироката јавност да можат да добијат точна и проверена информација.
Но, како што откри, дури и црковните интернет-платформи не се поштедени од современите ризици.
„Имавме сајбер напади на почетокот, се чудев зошто, меѓутоа имавме. Во неколку наврати имаше сериозни сајбер напади, што е чудно за црковен портал, меѓутоа ги имаше“, рече отец Иринеј.
Не може човек да биде христијанин, а да не оди в црква
Една од најсилните пораки во разговорот беше поврзана со односот на верниците кон Црквата и кон литургискиот живот. Отец Иринеј нагласи дека христијанството не може да се сведе само на лично чувство, семејна традиција или декларативна припадност.
„Не може човек да биде христијанин, а да не оди в црква“, рече тој.
Според него, за православниот христијанин е незамисливо да не сака да знае што зборувал и што правел Христос.
„Господ дојде на земјава, поучуваше и делуваше, и правеше работи, и ние не сакаме да знаеме што тој зборуваше и што тој правеше. Тоа е незамисливо за еден православен христијанин“, истакна отец Иринеј.
Денешниот човек е преплавен со слики и информации
Во разговорот беше отворена и темата за современиот начин на живот, интернетот, медиумите и постојаната изложеност на информации.
Отец Иринеј направи споредба меѓу денешниот човек и човекот од минатото, посочувајќи дека денес секојдневно сме изложени на огромен број визуелни содржини.
„Бројот на слики создадени од човек, а што еден човек ќе ги види во текот на еден ден, е поголем од бројот на слики создадени од човек, а кои во старо време луѓето ќе ги виделе за цел свој живот. Значи, денес ние сме изложени на многу поголем број информации коишто ставаат печат на нашата душа“, рече отец Иринеј.
Со тоа, тој укажа дека современиот човек не е само технички информиран, туку и духовно изложен. Содржините што ги гледа, чита и прима секој ден оставаат трага врз неговиот внатрешен живот, врз неговото внимание, мисли и однос кон светот.
Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП16 | Отец Драги: Бракот е повторно соединување на Адам и Ева


