Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП15| Отец Антонио: Секоја генерација има свој рокенрол и своја Лепа Брена
Разликите меѓу генерациите отсекогаш биле дел од општеството, а истото важи и кога станува збор за односот кон верата и духовноста. Во разговор за „Попкаст со Мартин Богатиноски“, свештеникот отец Антонио Апостолоски, кој служи во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, зборуваше токму за тој јаз меѓу постарите и помладите генерации, нагласувајќи дека секое време носи свои навики, вредности и предизвици.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иако релативно млад, отец Антонио важи за свештеник кој со посветеност и сериозност пристапува кон својата служба. Според него, генерациските разлики не треба да се гледаат како проблем, туку како природен тек на општеството. Тој потсетува дека и во минатото постарите генерации со скепса гледале на новите навики на младите.
„Разлика во генерации. Еве и ние кога сме биле помлади, нашите родители, дедовци и баби веројатно за нас велеле дека нашата генерација е ‘изгубена генерација’. Затоа што, многу работи кои за нив биле чудни ние сме ги практикувале и применувале. Кога татко ми ќе чуел дека слушам некој гласен рокенрол, којзнае што си мислел за мене. А не била неговата Лепа Брена и слично. Мислам, кажувам најискрено“, вели свештеникот.
Според него, токму ова искуство покажува дека секоја генерација расте во различни околности и во различно време, па затоа улогата на постарите е да бидат водич и поддршка за помладите.
„Така што, едноставно треба да се согледа дека овие деца растат во друго време и ние треба да бидеме тие што треба да ги поучуваме и да ги водиме кон вистинската насока во животот“, нагласува отец Антонио.
Во разговорот тој користи и симболична споредба за тоа како верниците треба да се однесуваат во секојдневниот живот. Според него, пример може да се најде во природата.
„Ние како верници мора да бидеме слични на пчелите. Значи, одиме од цвет на цвет, меѓутоа пчелата не го собира сето она што ќе го најде на пат, туку само тоа што е користно и што ѝ е потребно за да произведе мед и за да живее“, објаснува тој.
Оваа споредба, како што вели свештеникот, ја опишува потребата човекот внимателно да избира што ќе прифати од светот околу себе.
„Така што, и ние мора да бидеме како пчелите – мудри и вредни. Да се соочуваме со сѐ што ни доаѓа во животот и во секојдневнието, меѓутоа да го применуваме и да го практикуваме само тоа што е во полза за нас и за нашата душа“, додава отец Антонио.
На крајот, тој потсетува дека суштината на христијанскиот живот е духовната цел на човекот.
„На крајот на краиштата, крајната цел на секој христијанин е да си ја спаси својата душа“, истакнува свештеникот.
Во продолжение, погледнете дел од останатите емисии:
Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП13 | Отец Зоран: Христос никогаш не ни ветил лесен живот
Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП12 | Отец Антониј: Вештачката интелигенција носи и соблазни
Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП10 | Отец Марко: Не заборавајте зошто доаѓате в црква


