Отец Антониј Петрушевски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Отец Антониј Петрушевски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП12 | Отец Антониј: Вештачката интелигенција носи и соблазни

Во време кога општеството сè почесто се дели околу прашања што допираат до верата, моралот и современите текови, протоереј ставрофор отец Антониј Петрушевски во разговор во „Попкаст со Мартин Богатиноски“ отвори неколку чувствителни теми – од односот на Црквата кон хомосексуализмот, преку суштината на простувањето, до предизвиците што ги носи вештачката интелигенција, но и даде одговори на многу други интересни прашања.

Осврнувајќи се на прашањето за хомосексуализмот, отец Антониј истакна дека, според христијанското учење, постои разлика во однос на другите гревови. Повикајќи се на зборовите на Свети Апостол Павле дека „блудникот греши против своето тело“, тој нагласи дека овој грев, според црковната перспектива, не може да се сведе во иста линија со останатите.

Според него, неприродноста се согледува во тоа што е спротивна на природното размножување на човекот, поради што, како што рече, хомосексуализмот отсекогаш бил посебно санкциониран во христијанството.

„Основната одлика на човечкиот род е природен афинитет кон спротивниот пол“, посочи отец Антониј, додавајќи дека во денешни услови веќе се создава атмосфера во која е опасно да се каже дека станува збор за болест. „Но ако не ја третираме како душевна болест, како поинаку да биде?“, праша тој во текот на разговорот.

Говорејќи за простувањето, отец Антониј подвлече дека тоа не се темели врз личното чувство, туку претставува должност.

„Простувањето не се заснова на наше чувство, туку е наша должност“, рече тој.

Според неговото објаснување, непростувањето во својата суштина носи деструктивен елемент.

„‘Не сакам да ти простам’ – тоа значи: ‘ти за мене не постоиш’. Тука се крие желба за уништување, за погубување на другиот, за негирање на другиот. ‘Не сакам да те видам’, ‘не сакам да постоиш за мене, сега, а ако може и за вечноста’. Ја гледате деструктивноста на непростувањето? Тоа е во суштината на непростувањето“, објасни отец Антониј.

Во разговорот беше отворена и темата за вештачката интелигенција, која, како што оцени, претставува една од најголемите специфики на технолошкиот напредок во современата епоха.

Според него, таа носи значајни предности, но и сериозни опасности.

„Во Црквата веднаш се создава методолошки пристап кон вештачката интелигенција и се советуваат верниците како да ја користат“, рече отец Антониј, додавајќи дека несомнено може многу да помогне, но дека мора да ѝ се пристапи со голема претпазливост.

Како една од големите соблазни ја посочи антропоморфноста, односно склоноста човекот да ѝ припишува човечки својства.

Разговорот во „Попкаст со Мартин Богатиноски“ отвори прашања што не оставаат рамнодушни – од моралните дилеми и духовната одговорност, до соочувањето со новите технологии.

Во продолжение погледнете дел од последните „Попкаст“ емисии:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот