Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП16 | Отец Драги: Бракот е повторно соединување на Адам и Ева
Свештеникот од Повардарската епархија, протоереј Драги Гаштарски, во емисијата „Попкаст со Мартин Богатиноски“ зборуваше за суштината на бракот, љубовта и за духовната борба на човекот во секојдневниот живот.
Препорачано
Говорејќи за бракот, отец Драги посочи дека неговата суштина се наоѓа уште во самото создавање на човекот, според библиското предание.
„Бракот не е ништо друго освен соединување на она што Бог претходно го раздвоил. Знаете создавањето на човекот како се случило? Господ Бог го создаде Адам како таков и од неговото ребро коешто е блиску до срцето – не е залудно земено во близина на срцето, не е земено од главата или од нозете, туку е земено од тука блиску до срцето. И од тоа ребро ја создава Ева, па во буквална смисла бракот е соединување“, објасни тој.
Во разговорот се отвори и прашањето за љубовта – што всушност таа значи и како се живее во секојдневниот живот.
„Е сега, што подразбира љубовта? Пожртвуваност едни за други – ништо друго и ништо помалку од сето тоа. Ако со љубов пристапуваме кон секој еден од нас, многу полесно ќе биде. А за таа љубов да ја даваме треба да ја имаме. Оти, секој го дава тоа што го има, нели? Ако имаш љубов – даваш љубов. Ако имаш омраза – даваш омраза. За сето тоа да биде треба да го отвориме срцето, оти Христос е тука и чука на секое наше срце. Тој чука на вратата, ама од нас зависи – бидејќи имаме слободна волја – од нас зависи дали ќе отвориме и кому ќе отвориме за да влезе во нашето срце“, рече отец Гаштарски.
Свештеникот се осврна и на прашањето за животните тешкотии, пренесувајќи поука од духовното предание.
„Го запрашале еден старец колку му било тешко тука и тој рекол: да, многу ми е тешко, но се борам затоа што знам дека оваа тешкотија тука на Земјава ќе помине. И вели: ако веќе бирам каде да ми биде тешко – дали тука или во идниот живот, тогаш навистина бирам ТУКА. Затоа што знам дека ќе помине“, рече тој во емисијата.
Разговорот во „Попкаст со Мартин Богатиноски“ се одвиваше околу основните христијански вредности: љубовта, пожртвуваноста и надежта дека секоја тешкотија во животот е минлива кога човекот ја носи со вера.
Во продолжение, погледнете и други Попкаст емисии:
Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП12 | Отец Антониј: Вештачката интелигенција носи и соблазни
Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП05 | Отец Јани: Со одење по бајачи си го внесувате ѓаволот во куќата


