Митрополит преспанско-пелагониски г. Петар | Фото: Драган Митрески

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП17 | Владика Петар: Не сме ни со Цариград, ни со Москва – се држиме до каноните

Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар гостуваше во емисијата „Попкаст со Мартин Богатиноски“ во студиото на „Слободен печат“, каде зборуваше за својот животен пат, дисциплината, црковните состојби, односите во МПЦ-ОА, прашањето со ПОА, имотите во Австралија, но и за односот кон Цариград, Москва и Белград.

На почетокот од разговорот, митрополитот Петар се заблагодари за поканата, нагласувајќи дека досега никогаш не одбил медиумско гостување, освен во ситуации кога поради обврски барал разговорот да се одложи.

Говорејќи за личната дисциплина, тој рече дека не смета оти е доволно дисциплиниран во секојдневниот живот, исхраната и работата, но објасни и зошто честопати го користи изразот „ние“ кога зборува за себеси.

„Кога велиме ‘ние’, тоа не се однесува на личноста како посебна личност, туку како претставник на епархијата или црквата што ја предводиме. Кога станува збор за личност посебно, тогаш може да се употребува изразот ‘јас’, но ‘јас’ е премногу егоистички израз“, рече г. Петар.

Во разговорот тој се осврна и на гордоста и на смирението, оценувајќи дека гордоста е еден од главните проблеми на човештвото.

„Кога се изедначуваме со другите, дури кога се поставуваме за најгрешни од грешните, тогаш сме на вистинското место како христијани. Гордоста е главниот проблем за состојбата на човештвото“, рече митрополитот.

Тој додаде дека не се смета себеси за „столб на црквата“, туку за служител, нагласувајќи дека не може да се споредува со светите отци како Василиј Велики или Јован Златоуст.

Говорејќи за родното село Богомила, митрополитот Петар рече дека спомените му се тажни. Се потсети дека во времето кога бил дете селото било полно со живот, со обработена земја, дуќани, занаетчии…

„Кога бев дете, во нашето село немаше една педа земјиште што не е обработено. Денес сето тоа е обраснато со големи дрва. Полето не го препознавам“, рече г. Петар.

Тој раскажа дека неговиот татко бил кројач и волновлачар, а семејството броело девет деца.

Во делот за образованието, митрополитот зборуваше и за богословијата во Призрен, која, како што рече, била школа со строга дисциплина.

„Тоа личеше повеќе на монашка отколку на обична школа. Најголемиот број од професорите беа монаси, подоцна и епископи, како патријархот Павле или Иринеј. Тоа нè учеше на ред – кога е појадок, кога е ручек, сè беше војнички“, рече тој.

Митрополитот Петар се осврна и на периодот кога бил професор, потсетувајќи дека им предавал и на архиепископот Стефан и на владиката Агатангел. Рече дека никогаш не сакал да казни ученик без претходно да му даде можност да се поправи.

„Но ако се служеше со лага, бев упорен во казнувањето“, рече г. Петар.

Тој раскажа и пример кога неговиот клас направил проблем, по што учениците биле казнети две недели без излез во град, но и тој останал со нив, за да покаже солидарност и за да не избегаат.

Во разговорот беше отворена и темата за изборот за поглавар на МПЦ-ОА во 1999 година. Митрополитот Петар рече дека тогаш бил кандидат, но дека тогашната власт не сакала тој да биде избран.

„Претседателот на Комисијата за верски заедници, Ѓорѓи Цаца, дојде кај мене на полноќ и ми рече: ‘Мора да се откажеш’. Мнозинството на соборот беше за мене, но притисокот врз делегатите од дијаспората беше огромен“, рече г. Петар.

Тој додаде дека денес е задоволен што не станал поглавар, бидејќи, како што рече, така можел повеќе да направи во Австралија.

Осврнувајќи се на нападите во медиумите, митрополитот рече дека тие не го разочаруваат, туку го мотивираат.

„Ако Христос спасителот рекол: ‘Ако мене ме гонеа, и вас ќе ве гонат’. Мене нападите не ме разочаруваат, туку ме мотивираат. Вистината секогаш излегува на виделина. Треба да им се благодари на оние што ве напаѓаат, бидејќи тие ве прават будни“, рече г. Петар.

Една од темите во интервјуто беше и интеграцијата на Православната охридска архиепископија (ПОА). Митрополитот Петар оцени дека МПЦ-ОА била дарежлива во тој процес, наведувајќи дека од неговата епархија биле одвоени три општини – Крушево, Демир Хисар и Кривогаштани – за митрополитот Јован.

Но, според него, проблем останува прашањето со имотите што биле користени додека постоела ПОА.

„Имотите што ги користеа додека беа во ПОА уште не се префрлени на МПЦ-ОА. Тоа е мајтапење. Не може да држите имоти надвор од МПЦ, а да барате помош од неа“, рече митрополитот Петар.

Тој зборуваше и за состојбите во Австралија, каде, како што рече, имотите се водат под компании, односно корпорации, а не на црквата.

„Тоа е парацрковна организација. Продадени се цркви и станови за милиони долари, а никој не знае каде се парите. Имотите се Божји, а не на поединци“, рече г. Петар.

Во делот за односот кон Цариград, митрополитот Петар предупреди дека во православието се создава опасно учење.

„Првиот е еднаков со останатите – Primus inter pares. Но сега се создава учење ‘прв без еднакви’. Тоа е веќе папа во православието. Тоа е катастрофално и мислам дека таа приказна никогаш нема да помине кај нас“, рече тој.

Во разговорот беше спомнат и митрополитот европски г. Пимен. Митрополитот Петар рече дека нема ништо лично против него, но има против прекршување на каноните.

„Не може да се служи со расчинети свештеници. Тоа е ‘распашана команда’. Црквата мора да има ред и поредок“, рече г. Петар.

На крајот, митрополитот преспанско-пелагониски порача дека МПЦ-ОА не треба да се става на ничија страна во православниот свет, туку да се држи до каноните и до Светото писмо.

„Ние не се ставаме на ничија страна – ниту на Цариград, ниту на Москва, ниту на Белград. Ние сме на страната на каноните и Светото писмо. Сè што е спротивно на нив, ние ќе го критикуваме“, рече митрополитот Петар во „Попкаст со Мартин Богатиноски“.

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП10 | Отец Марко: Не заборавајте зошто доаѓате в црква

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП08 | Епископ Марко: Политиката има рок на траење, интересите на црквата се вечни

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП07 | Владика Пимен: Ме излажаа за референдумот за името, бев наивен!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот