Отец Пимен - Митрополит Европски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Отец Пимен - Митрополит Европски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП07 | Владика Пимен: Ме излажаа за референдумот за името, бев наивен!

Митрополитот г. Пимен признава дека згрешил со повикот за референдум за промена на името, се сомнева во евроинтеграциите и одбива трговија со дијаспората за томос за автокефалност доделен од Цариград.

Митрополитот европски г. Пимен не крие дека повикот што во 2018 година го упати до граѓаните да излезат на референдумот за промена на името, денес го гледа како погрешен чекор.

Без обид да ја релативизира одлуката, тој во гостувањето на „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на „Слободен печат“ отворено призна дека бил убеден во поинаков исход и во придобивки што никогаш не се материјализирале. Премиерата на емисијата ќе ја гледате вечерва (понеделник) во 20 часот.

Од оваа перспектива секако дека мојот повик до граѓаните да излезат на референдумот за промена на името во 2018 година го сметам за голема грешка. Практично, некој мене ме излажа, а јас ги излажав останатите – вели Пимен, објаснувајќи дека тогаш бил уверен оти процесот ќе донесе нешто подобро, а не подлабоко разочарување.

Јас мојот потег го чувствувам како своја грешка и како своја наивност – вели владиката.

И покрај тоа, митрополитот не оди во целосно црна слика. Потсетува дека членството во НАТО, колку и да е предмет на оспорување, во конкретни моменти било пресудно. Како пример ја посочува трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога, според него, брзата интервенција и поддршката од партнерите помогнале да се спасат животи.

Не е сѐ така црно – вели тој.

Веднаш повторно се враќа на остриот пресек:

Едно беше ветувањето што требаше да ни донесе придобивки, а друго е тоа што навистина го добивме – прави паралела владиката Пимен.

За евроинтеграциите, митрополитот говори со воздржан тон, без големи очекувања.

Се плашам дека нашата надеж за евроинтеграција веќе се сели низ Европа – констатира тој.

Клучен дел од неговите ставови се однесува на статусот на МПЦ-ОА по доделувањето на томосот за автокефалност од СПЦ.

Томосот за автокефалност од СПЦ е валиден томос, ни отвори врата на многу места за сослужување, но очигледно Цариград не мисли така – нагласува владиката.

Прашањето кој треба да го додели „конечниот“ документ – Српската православна црква или Вселенската патријаршија – тој го остава отворено.

Тоа не значи дека ни се потребни два томоса за автокефалност, но прашањето кој го доделува последниот томос, нека си го одговорат СПЦ и Цариград – смета г. Пимен.

Најцврстата линија ја поставува околу дијаспората. За условот на Вселенската патријаршија – томос за МПЦ-ОА во замена за дијаспората – владиката Пимен е категоричен дека станува збор за неприфатлива идеја.

Која црква си ја дала дијаспората, па ние сега да си ја дадеме? Да, тоа е само Украина, но ние ќе се држиме до другите примери на Српската, Руската, Бугарската, Грчката православна црква… Како што тие љубоморно си ја чуваат дијаспората, така и ние си ја чуваме. Ние нема по никоја цена да се откажеме од дијаспората. Сме работеле, сме се мачеле, сме граделе и никому нема на тацна да му го дадеме сето тоа – изјави г. Пимен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот