Фото: vfmkd.org.mk

Миленкоски: Имаме активен резултат, во трка сме за пласман на ЕП 2028

Првиот дел од циклусот квалификации за Европското првенство 2028, односно учеството во годинешното издание од Европската лига, машката сениорска одбојкарска репрезентација го заврши според предвиденото – три победи, три загубени натпревари и девет бода со кои сме на средината на табелата. Попрецизно кажано имаме активен резултат со кој Македонија останува во игра за пласман на уште едно континентално натпреварување.

Уште при ждрепката за групната рунда во Европската лига јасно беше дека против Луксембург, Исланд и Косово атакуваме на победи, додека со Холандија, Грција и Израел, кои се фаворити ќе мора да се бориме и да се обидеме да изненадиме. Отпор понудивме, изненадувањето изостана.

Селекторот Јошко Миленкоски од последниот натпревар имаше два дена за одмор, во кои успеја да ги сублимира впечатоците и да направи првична анализа на сработеното во изминатите скоро два месеци.

– Годинешното издание на Европската лига беше со поинаков формат од претходните, односно претставуваше прва фаза од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Тоа придонесе и квалитетот на Лигата да биде на повисоко ниво од претходно, најмногу поради фактот дека сите репрезентации играа со своите најдобри состави. Македонија во минатото се натпреваруваше во Сребрената лига, која е неспоредлива со она што го имавме како квалитет годинава. Последните три години бевме дел и од Златната Европска лига, каде имавме забележителни настапи, но каде многу репрезентации, како и ние, го користевме учеството како подготовка за поважни натпреварувања. Поради тоа не може да правиме споредба со резултатите постигнати во претходните изданија, а не смее да заборавиме и дека оваа година скоро сите европски селекции се натпреваруваа во Европската лига. Најважното од сѐ за Македонија е дека имаме активен резултат со кој остануваме во трката за пласман на следното Европско првенство! Целта е постигната, планираното е остварено – три победи и девет бодови. Сакам да истакнам дека поразите се од три репрезентации кои се најдобрите во Лигата. Холандија лига рундата ја заврши без загубен сет, а во полуфиналето ќе игра и Израел, додека Грција заврши како петта, на чекор зад нив. Тоа само уште еднаш го потврдува квалитетот на противниците со кои се соочуваме – вели Миленкоски.

Репрезентативците се веќе на заслужен одмор, а одново на располагање треба да се стават на 5 август за кога во Крушево е предвиден почетокот на подготовките за учеството на Европското првенство во септември во Софија, кое за Македонија е четврто во низа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот