Трамп, фото: ЕПА

Трамп почна чистка во разузнавачката служба

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп започна да спроведува масовни отпуштања во врвната американска разузнавачка агенција, објави Си-ен-ен.

Се известува дека отпуштањата опфаќаат потенцијално стотици вработени во Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ), а процесот го предводи вршителот на должноста директор, Бил Пулт.

Неговото назначување од претседателот Доналд Трамп предизвика сериозни контроверзии во Конгресот, пред сè поради тоа што Пулт нема претходно искуство во разузнавачкиот сектор.

Извор за „Си-ен-ен“ изјави дека отпуштањата започнале. Сепак, конкретниот број работни места што се укинуваат сè уште не е објавен.

Според „Си-ен-ен“, Пулт се појавил на своето ново работно место еден ден порано минатата недела, откако побарал список на сите вработени во Канцеларијата, со што очигледно ја затекнал неспремна и директорката во заминување, Тулси Габард.

Извори за „Си-ен-ен“ откриваат дека најмногу луѓе ќе бидат отпуштени од два оддела: Центарот за борба против тероризмот и Центарот за контраразузнавање.

Отпуштањата беа извршени и покрај предупредувањата од водечките демократи во комисиите за разузнавање на Сенатот и Претставничкиот дом, кои вчера испратија писмо до Пулт „предупредувајќи го за ризиците од правење големи кратења на работната сила“, наведува „Си-ен-ен“.

„Загрижени сме поради известувањата дека имате намера да отпуштите или да пратите на принуден одмор стотици службеници на Канцеларијата уште оваа недела“, напишаа сенаторот Марк Ворнер и конгресменот Џим Хајмс во нивното писмо.

Според нив, иако има простор за разумно намалување на персоналот во Канцеларијата, секое радикално кратење на персоналот би уследило по веќе спроведените големи отпуштања во 2025 година.

„Со тоа се ризикува да се загрози мисијата на оваа агенција, која беше формирана по 11 септември со единствена цел – да спречи какви било идни терористички напади“, додаваат тие во писмото.

Од Белата куќа се осврнаа на неодамнешна објава на социјалните мрежи во која Трамп наведе дека побарал од Пулт „да го изврши итното и потребно кратење на персоналот во Канцеларијата, враќајќи ги во нивните матични агенции“.

Посебен извор изјави за „Ен-би-си њуз“ дека Пулт „им наредил на членовите на персоналот да селектираат 400 вработени кои ќе бидат отпуштени од Националниот центар за борба против тероризмот“ во наредните недели.

Чистката може да ја намали способноста за борба против тероризмот

Овие кратења на персоналот предизвикуваат загриженост кај пратениците и во Претставничкиот дом и во Сенатот, бидејќи единицата за борба против тероризмот беше формирана по нападите на 11 септември 2001 година за да „ги следи терористичките закани и осомничените милитанти и да ги обединува информациите од сите федерални агенции“.

Поранешни разузнавачки службеници за „Ен-би-си“ изјавија дека масовните отпуштања „би можеле да ја загрозат способноста на Владата да открива и спречува терористички заговори“.

Заедничкото писмо испратено до Пулт од Ворнер и Хајмс конкретно се осврна на тоа прашање.

„Со оглед на вашиот недостаток на искуство во разузнавачката заедница, тешко е да се замисли дека за толку кратко време веќе сте развиле целосно информирани ставови за тоа како да ја намалите ОДНИ без да предизвикате ризици за националната безбедност Правењето значајни структурни промени во ОДНИ, вклучително и намалување на силите, не е соодветен тек на дејствување за никого во својство на вршител на должност, а уште помалку без консултација со Конгресот, и вие треба да се воздржите од тоа“, напишаа тие.

Шефицата на сите американски разузнавачи, Талси Габард, поднесе оставка

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот