Америка го влошува крвопролевањето во Европа и на Блискиот Исток, обвини Ким Џонг Ун
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денес изјави дека одржувањето на статусот на нуклеарна држава е единствениот начин да се одговoри на глобалните безбедносни закани, обвинувајќи ги САД дека ги влошуваат конфликтите низ светот, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Тој рече дека „незамисливи, запрепастувачки инциденти и настани“ се случуваат поради „гангстерската алчност“ на хегемонистичките сили, поради што конфронтациите низ светот стануваат посилни.
Ким ја обвини американската власт дека го влошува крвопролевањето во Европа и на Блискиот Исток, за време на состанок на Централниот комитет на владејачката Работничка партија.
Тој ги обвини САД и Јужна Кореја дека ја прават безбедносната ситуација на Корејскиот Полуостров поопасна со постојано унапредување на нивната заедничка нуклеарна позиција, чија единствена цел, според него, е напад врз Северна Кореја.
„Постојаното проширување и зајакнување на нуклеарните сили, како и целосното практикување на статусот на нуклеарна држава е единствен начин за активно и за самоуверено справување со непредвидливата меѓународна воено-политичка ситуација која станува сè покомплицирана“, соопшти Ким.
Тој исто така наредил зајакнување на конвенционалното вооружување и забрзана изградба на 10.000-тонски стратешки воден ракетен крстосувач.
Северна Кореја со години ги игнорира санкциите на Обединетите нации и на САД воведени меѓу 2006 и 2017 година, кои ѝ забрануваат развој на нуклеарно оружје и на балистички ракети. Нејзиниот став ги загрижува регионалните сили.
Земјата се прогласи за нуклеарна држава и изјави дека ништо не може да ја натера да се откаже од своето нуклеарно оружје, и покрај дипломатските напори од САД, од Кина и од Јужна Кореја.
На состанокот биле нагласена и потребата да се модернизира индустријата за јаглен, што Ким го опишал како стратешки приоритет.


