Ким Џонг Ун севернокорејска војска EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY

Ким Џонг Ун најави зголемување на нуклеарниот арсенал

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун најави зголемување на својот нуклеарен арсенал и развој на нови стратешки системи за оружје, додека во главниот град Пјонгјанг се одржа голема воена парада по повод завршувањето на партискиот конгрес, објавија државните медиуми.

Според новинската агенција КЦНА, Ким рече дека земјата има „цврста волја“ дополнително да ги прошири и зајакне своите нуклеарни сили и да го зголеми бројот на боеви глави и оперативни средства. Тој, исто така, најави развој на помоќни интерконтинентални балистички ракети, како и напредни системи што вклучуваат вештачка интелигенција и беспилотни летала.

Деветти конгрес на владејачката партија

Деветтиот конгрес на владејачката Работничка партија на Кореја траеше една недела, поставувајќи ги клучните политички цели за следните пет години, а заврши со воена парада која, според КЦНА, го демонстрираше растечкиот меѓународен статус на земјата.

Односи со САД

Ким рече дека можноста за подобрување на односите со САД зависи од, како што рече, подготвеноста на Вашингтон да се откаже од својата „политика на конфронтација“, додавајќи дека во тој случај „нема причина двете земји да не воспостават добри односи“. За време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, двајцата лидери се сретнаа три пати, но разговорите не доведоа до траен договор.

Затегнување на односите со Јужна Кореја

Во исто време, Северна Кореја ја заостри својата реторика кон Јужна Кореја, која Ким ја нарече свој најголем противник и непријател, и ја отфрли можноста за дијалог со владата на претседателот Ли Џе-Мјунг, и покрај сигналите од Сеул за подготвеност за подобрување на односите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот