Унгарски „Икарус“ и австриски ЕВН го добија тендерот за 150 електрични автобуси, набавката ќе чини 50 милиони евра
По два обида кои завршија неуспешно, на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси за јавниот превоз во Македонија за најповолен понудувач повторно се избрани унгарската компанија „Електробус Икарус“ во заедничка понуда со австриската ЕВН.
Препорачано
Во тендерот беа вклучени и 75 станици за полнење на автобусите, а вкупната вредност на набавката е околу 50 милиони евра. Секој автобус ќе чини околу 322.000 евра без ДДВ.
Од вкупниот број автобуси, 100 се наменети за ЈСП „Скопје“, додека останатите 50 ќе бидат распределени во други градови низ државата.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека тендерската постапка и јавното наддавање успешно завршиле и оцени дека станува збор за значаен чекор кон обновување на возниот парк на ЈСП.
„Ова е историски чекор кон сериозна обнова на возната флота на ЈСП „Скопје“ и почеток на нова ера во јавниот градски превоз – помодерен, почист и побезбеден“, напиша Ѓорѓиевски.
Во моментов тече законскиот рок од 10 дена за евентуални жалби. Доколку нема пречки, ќе следува потпишување на договорот, по што ќе започне испораката на автобусите. Според информациите од Министерството за транспорт, вредноста на понудата изнесува 3,12 милијарди денари без ДДВ, односно околу 50 милиони евра. Просечната цена на еден електричен автобус е околу 320.000 евра, додека една станица за полнење чини околу 30.000 евра.
ЈСП доби уште 150 милиони денари субвенции за вработените да се „мирни“ до крај на годината


