МАПА | Од Софија до Атина за шест часа — брз воз ќе ита низ Европа, Македонија не е на мапата
Европа добива брз воз што ќе ја поврзе Атина со 40 европски градови, но не и со Скопје.
Амбициозен европски транспортен проект предвидува создавање на брза железничка мрежа што до 2040 година би можела да ја поврзе Атина со речиси 40 градови низ Европа, пишува „Грик репортер“. Планот, наречен „Старлајн“, има за цел да воспостави единствена железничка мрежа долга околу 22.000 километри, која би ги обединила постојните национални железнички системи и би понудила побрза и поеколошка алтернатива на кратките авионски летови.
Препорачано
Проектот е развиен од европскиот аналитички центар „21 Европа“ со седиште во Копенхаген и предвидува пет главни железнички коридори кои ќе поминуваат низ 22 европски држави. Од регионот, на мапата се Белград, Загреб, Софија, Тирана и Сараево, додека Скопје го нема на мапата. Возовите би сообраќале со брзина од 300 до 400 километри на час, а мрежата би функционирала слично на метро систем, но на ниво на целиот континент.
Каква улога ќе има Атина?
За Грција, оваа инфраструктурна инвестиција би значела значително подобрување на поврзаноста со остатокот од Европа, но и со земјите од Југоисточна Европа.
Еден од приоритетите на Европската комисија е значително намалување на времето на патување меѓу европските градови. Така, патувањето од Софија до Атина, кое денес трае околу 13 часа и 40 минути, би можело да се скрати на само шест часа.
Слични промени се предвидуваат и на други европски рути. Патувањето меѓу Берлин и Копенхаген би се намалило од седум на четири часа, додека рутите кои традиционално барале ноќно патување би можеле да станат директни дневни линии.

Пет главни железнички коридори
Според предложениот план, мрежата ќе се состои од пет главни линии:
– Линија А: од Неапол до Хелсинки
– Линија B: од Лисабон до Киев преку Мадрид
– Линија C: од Мадрид до Истанбул
– Линија D: од Даблин до Киев
– Линија E: од Милано до Осло
Овие коридори ќе поврзат десетици големи европски градови под единствен транспортен систем и заеднички визуелен идентитет.
Поеколошка алтернатива на авионскиот сообраќај
Транспортот е еден од најголемите извори на емисии на стакленички гасови во Европа и учествува со околу една четвртина од вкупните емисии.
Иако воздушниот сообраќај претставува помал дел од глобалните емисии, кратките летови и натаму се најчестиот избор за милиони патници. Според авторите на проектот, брзата железница создава и до 90 проценти помалку емисии на јаглерод диоксид по патување во споредба со авионите.
Од „21 Европа“ сметаат дека пренасочувањето на поголем дел од патничкиот сообраќај кон железницата е еден од клучните чекори за исполнување на европските климатски цели до 2050 година.
Возови без прва и втора класа
Проектот предвидува и нов пристап кон патувањето. Наместо традиционалната поделба на прва и втора класа, новите возови би понудиле различни простори приспособени на потребите на патниците.
Меѓу нив се предвидени тивки работни зони, семејни делови, ергономски седишта и заеднички простори за одмор и дружење. Целта е патувањето на долги релации да стане подостапно, поудобно и попривлечно за што поголем број луѓе.
Иако засега станува збор за концепт и долгорочна визија, проектот веќе предизвикува голем интерес бидејќи нуди можност Европа во иднина да добие железничка мрежа што ќе функционира речиси како метро систем на континентално ниво.
ФОТО | Се шокирале од сметката во Рим — за два сладоледа платиле 44 евра


