Фото: Инстаграм/Дуа Липа/Profimedia

Дуа Липа им исплатила вкупно 5.000 фунти на жителите на Палермо по протестите против нејзината свадба

Раскошната свадбена прослава на светската музичка ѕвезда Дуа Липа и актерот Калум Тарнер во Палермо предизвика негодување кај дел од локалното население, по што пејачката одлучила да ги обесштети жителите погодени од ограничувањата воведени за време на свеченостите.

Според британските медиуми, Дуа Липа, чие богатство се проценува на околу 45 милиони долари, им исплатила вкупно околу 5.000 фунти на засегнатите жители како компензација за непријатностите поврзани со паркирањето и движењето во делови од градот, додека безбедносните мерки и затворените улици предизвикаа бројни реакции кај граѓаните на сицилијанската престолнина.

Покрај тоа, двојката наводно резервирала и повеќе сместувачки капацитети преку платформата „Ербиенби“ за да избегне поплаки од сопственици и гости поради свадбените прослави кои траеле неколку дена.

Зошто жителите на Палермо протестираа?

Иако локалните власти ја поздравија свадбата како значаен настан за градот, дел од жителите јавно го изразија своето незадоволство. Низ Палермо се појавија плакати и графити со пораки „Палермо не е за изнајмување“ и „Палермо не е за богатите“, а демонстрантите обвинуваа дека јавниот простор е ставен во служба на приватна прослава.

Незадоволство предизвикаа и засиленото полициско обезбедување, ограничениот пристап до одредени локации и фактот што дел од локалните бизниси морале порано да ги затворат своите објекти во текот на најпрометниот туристички период.

Сепак, градоначалникот на Палермо, Роберто Лагала, застана во одбрана на настанот, истакнувајќи дека ваквите случувања носат огромна меѓународна промоција за градот и значителни економски придобивки. Според проценките на италијанскиот Институт за истражување ЈФЦ, свадбените свечености оставиле економски ефект од околу 268 милиони евра во поширокиот регион на Палермо.

Andrew Styczynski / News Licensing / Profimedia/Xavier Collin/Image Press Agency, Image Press Agency / Alamy / Profimedia

Свадба од 1,5 милиони фунти со светски ѕвезди меѓу гостите

Прославата на Дуа Липа и Калум Тарнер траеше три дена и, според медиумските проценки, чинела околу 1,5 милиони фунти. Главниот настан се одржал во историската Вила Валгуарнера, палата од 18. век во близина на Палермо, каде што стотици гости присуствувале на церемонијата и свечената вечера.

Меѓу гостите биле модната дизајнерка Донатела Версаче, музичарите Чарли Икс-Си-Икс, Трој Сиван и Марк Ронсон, а според италијанските медиуми, младенците биле изненадени и со специјална изведба на песната „Your Song“ од страна на Елтон Џон.

Гостите уживале во мени подготвено од шефови со Мишелин ѕвезди, настапи на познати диџеи и спектакуларен огномет кој можел да се види од различни делови на градот.

За една од прославите, Дуа носела бел кожен фустан од „Ботега Венета“, украсен со пердуви од ној, додека неколку дена претходно на интимната церемонија во Лондон се појавила во елегантен комплет од модната куќа „Скjапарели“.

Ги споила љубовта кон книгите

Љубовната приказна на Дуа Липа и Калум Тарнер започна на почетокот на 2024 година. Иако претходно неколкупати за малку ќе се сретнеле преку заеднички пријатели, конечно се запознале во ресторан во Лос Анџелес, каде што откриле дека во истиот период ја читаат истата книга – романот „Доверба“ на Ернан Дијаз.

Врската ја потврдија во текот на 2024 година, а набрзо станаа еден од најпопуларните славни парови во светот. Гласините за свршувачка започнаа во декември истата година, кога пејачката првпат беше забележана со дијамантски прстен, а во јуни 2025 година јавно потврди дека Калум ја запросил.

На 31 мај годинава двојката официјално стапи во брак на интимна церемонија во Лондон, во присуство на најблиските членови на семејството и пријателите. Само неколку дена подоцна отпатуваа во Сицилија, каде што организираа раскошна свадбена прослава.

ВИДЕО | Папараци ги прогонуваа Дуа Липа и Калум Тарнер во Париз: „Ова е навистина непријатно и исцрпувачки“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот