Збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески ќе има промоција во Шибеник
Во рамките на „Денови на македонската култура“, на 8 јуни (понеделник), во Шибеник, Хрватска, ќе биде промовирана збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески.
Препорачано
Збирката раскази, што излезе од печат кон крајот на декември минатата година во издание на „Или-Или“, ќе ја промовира проф. д-р Александар Прокопиев, а модератор ќе биде Никола Урукало, уредник и водител на хрватското радио „Ритам“.
Организатор на настанот е Хрватско-македонската „Тангента“, а покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и општината на градот Шибеник.
Авторот Емил Крстески е политиколог, прозаист и сликар, доктор по политички науки. Досега има објавено шест книги од областа на меѓународните односи и две збирки раскази: „Три дена во Париз“ (преведена на српски јазик, промовирана во Нови Сад, Шибеник и Прага), и „Флик ен флак“. Има реализирано и три самостојни, а учествувал на две групни изложби.


