Сцена од монодрамата „Кармен“ со актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска

Драмскиот театар со претставата „Кармен“ учествува на фестивалот „Бабел“ во Романија

Претставата „Кармен“ на 8 јуни ќе биде изведена во официјалната програма на 14. Меѓународен фестивал за изведувачки уметности „Бабел“, кој се одржува во градот Т’рговиште во Романија.

Фестивалот е основан во 2007 година од Театарот „Тони Буландра“ со идеја да создаде простор за средба на различни култури, театарска естетика и современа сценска практика.

Монодрамата „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.

Гостувањето во Романија ќе биде 51. изведба по премиерата што претставата ја имаше во мај 2021 година.

Она што „Бабел“ го издвојува од другите фестивали е неговата програма во која се вклучени: драмски претстави, современ танц, уличен театар, циркуски претстави и перформанси, музички настани, работилници и мастер-класови, изложби и мултимедијални проекти. Целиот град Т’рговиште за време на фестивалот се претвора во голема сцена со настани во театри, на плоштади, на историски локалитети и во алтернативни простори, велат организаторите.

Името „Бабел“ се поврзува со библиската Вавилонска кула и симболизира дијалог меѓу различни јазици, култури и уметнички изрази. Главната мисија на фестивалот е преку сценските уметности да создаде меѓукултурна комуникација и размена на идеи.

На фестивалот учествуваат ансамбли и уметници од Европа и од Азија. Тоа се театарски куќи од Полска, Грузија, Португалија, Франција, Чешка, Јужна Кореја и од други земји.

За меѓународната соработка на Драмскиот театар ваквите гостувања се од особена важност поради можноста да се видат современите сценски форми и различната театарска естетика на другите театарски куќи, да се реализираат средби и да се воспостави соработка со меѓународната мрежа на директори на театри, фестивали и селектори, известија од НУ Драмски театар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот