Перформанс на словенечки колектив во МКЦ, во рамките на „Скопје прајд викенд“
Љубителите на современата перформативна уметност ќе имаат можност да го проследат перформансот „Технобурлеска – крадци на слики“ на словенечкиот колектив Д Феминалз, кој ќе се одржи на 13 јуни со почеток во 21 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Препорачано
Настанот е дел од програмата на годинешниот „Скопје прајд викенд, а локална поддршка ќе обезбеди Бучкуруж.
Д Феминалз ја развиваат технобурлеската „Крадци на слики“ уште од 2013 година, создавајќи специфичен сценски израз што ги поместува границите на класичната бурлеска и кабаре-концептот. Нивната работа често се опишува како „театар на непријатноста“, кој преку провокација, хумор и визуелни експерименти отвора простор за критичко преиспитување на современото општество.
Перформансот користи вињети, поп-културни референци и визуелни апропријации за да ги отвори прашањата за националниот идентитет, мачизмот, политичкиот популизам, родовите стереотипи и медиумската мелодрама. Преку сценски спектакл, бизарни ситуации и енергичен настап, авторите ги предизвикуваат доминантните претстави за тоа што значи „женско“, „машко“, „наше“ и „нивно“.
Д Феминалз важат за еден од најпрепознатливите и најдоследни колективи на современата словенечка перформативна сцена. Нивните проекти се движат на границата меѓу кабаре, перформанс и критички театар, а се препознатливи по смелоста, динамиката и ангажираниот пристап кон актуелните општествени теми.
Локалниот колектив Бучкуруж, кој ќе биде дел од настанот како поддршка, претставува простор за културно-уметничко изразување и истражување на родовата трансгресија, со посебен фокус на лезбејската, транс и родово флуидната заедница.
Настанот нуди можност за средба со современи уметнички практики што ги преиспитуваат општествените норми и отвораат простор за нови перспективи преку уметноста и перформансот.
Пролетното издание на „Перформанс Платформа фестивал“ се одржува од 1 до 13 јуни во Скопје


