Ана Трајковска – „Црно и бело“, самостојна изложба, 2021

Избрани се тројца финалисти за наградата „Денес“ за 2026 година

Организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Residency Unlimited“ (RU), Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк, по дваесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата „Денес“ за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

Наградата „Денес“ се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид.

Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во „Residency Unlimited“, вклучува и други новини и резиденции. „Денес“, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да имаат средби и презентации со интернационална жири-комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Отворениот повик траеше од 16 април до 31 мај 2026 година и се пријавија петнаесет кандидати.

Жири-комисијата во состав: Хиба Абид, кураторка на одделот за блискоисточни и исламски студии во Њујоршката јавна библиотека и членка на комитетот за уметност и култура на њујоршкиот градоначалник Зохран Мамдани; Јелена Мијиќ, мултимедијална уметничка и културна работничка од Белград, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во 2017 година, и Илија Прокопиев, визуелен уметник и културолог, добитник на наградата „Денес“ во 2011 година и уметнички директор на галеријата „Шкуц“ во Љубљана, одлучи дека тројцата финалисти се Јован Јосифовски, Сергеј Калеников и Ана Трајковска.

Јован Јосифовски – „За Никола“, инсталација, 2023

По овој процес на избирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 2 октомври 2026 година во просторот на Сули-ан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата „Денес“, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот јуни – јули 2027 година, како и наградите за останатите двајца финалисти.

Преку мултидисциплинарна практика што опфаќа инсталација, видео и текст, Јован Јосифовски претставува моќно истражување на квир-животот во постјугословенска Македонија. Често, иако не исклучиво, засновано на интимно и животно искуство, неговото творештво се протега во пошироката политичка сфера, каде на прашањата за моќта, идентитетот и насилството им се пристапува со критичка строгост, иронија и остро чувство за апсурдот.

Сергеј Калеников – „Стих: Ода“, фабричка боја на платно, 2024

Од поднесениот опус, Сергеј Калеников демонстрира артикулиран и внимателно развиен уметнички јазик. Работејќи низ различни медиуми, вклучувајќи сликарство, фотографија и имерзивни инсталациски контексти, тој покажува и концептуална јасност и разновидност. Неговата практика се занимава со теми што резонираат со поетските искуства на времето и просторот, но исто така манифестира интерес за современите општествени реалности, откривајќи одржлив ангажман со сложеноста на човечкото искуство. Преку својот пристап и кохерентноста на неговата визија, Калеников покажува силен капацитет за континуиран раст и експериментирање.

Почнувајќи од графиката, медиумот во кој се школувала, Ана Трајковска, суптилно, но прецизно навлегува во социо-политичките феномени на локалниот контекст, како и во улогата на уметноста во него, останувајќи доследна на самиот медиум. Иако се разиграни по форма и презентација, нејзините дела се и критички изострени, каде што критиката не ја заобиколува позицијата на самата уметница.

Досегашни добитници на наградата „Денес“ се: Крсто Глигорјадис, Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов / Клелија Живковиќ / Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија), Славица Јанешлиева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот