Плакат за отворањето на изложбата „Ултрамарин“ на Јана Куновска

Самостојната изложба на слики „Ултрамарин“ на Јана Куновска е поставена во КИЦ – Скопје

Отворањето на самостојната изложба на слики со наслов „Ултрамарин“ на Јана Куновска ќе се одржи на 10 јуни, во 20 часот, во изложбениот салон „Империјал 1“ при ЈУ Културно-информативен центар – Скопје. Изложбата ќе биде поставена до 24 јуни 2026 година.

Авторката Јана Куновска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје. Во тек се нејзините докторски студии на универзитетот „Метрополитен“ во Белград (Србија).

Досега има реализирано 68 самостојни и групни изложби во земјата и странство. Долги години работи во областа на графичкиот дизајн и за својата работа е добитник на три награди. Текст за нејзината најнова изложба напиша историчарката на уметност Нада Пешева.

– …Замаглувајќи ја границата помеѓу апстрактното и репрезентативното, птиците поставени во одреден сегмент на сликата (најчесто во горниот дел од платното) летаат спокојно и слободно во правецот кој самите го одбрале. Намерната едноставност во овие дванаесет дела, симболично именувани како „Ултрамарин“, на прв поглед може да асоцира на илустрација од детска книга. Но, токму тој илустративен квалитет резултира со моќен парадокс: овие слики се прекрасни во својата јасност и чистина, но истовремено предизвикуваат длабока замисленост. Иако се чини дека не кријат никаква тајна, тие поседуваат силна уметничка привлечност и мистериозност која ги нагласува длабочината и возвишеноста.

Доколку овој циклус потрае како понатамошна насока во сликарството на Јана Куновска, ќе може да се констатира дека симболизмот на селектираните урбани мотиви е целосно заменет со речиси медитативна едноставност. Птиците тука стануваат чист знак за простор, тишина, бесконечност и, пред сè, за апсолутна слобода и ослободеност од сите земни тежини – напиша Нада Пешева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот