Стихозбирката „Нервозна сум“ е повик за разбирање, сочувство и љубов кон животот во сите негови облици
Промоција на книгата „Нервозна сум“ од Стефанија Граовац, во издание на издавачката куќа „Темплум“, ќе се одржи на 9 јуни, со почеток во 19:19 часот, во „Салон 19:19“ при Културно-информативниот центар – Скопје. Книгата ќе ја промовира Никола Гелевски, а модератор ќе биде Љупка Евроска.
Препорачано
Авторката Стефанија Граовац е родена на 29.01.1989 година. Учела во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, а факултетските студии ги завршила на УКИМ на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Има работно искуство во маркетинг-секторот, односите со јавност и јавното говорење. Се бори за правата на психички болните лица (организација „Мисла“), а член е и на „Европска платформа против сиромаштија“. Во слободно време пишува, медитира и танцува.
Дебитантската стихозбирка на Стефанија Граовац се состои од 77 песни, поделени во пет циклуси кои создаваат своевиден поетски дневник: „Нервозна сум!“, „Резолуција за револуција“, „Осаменост“, „Лудаци“ и „Листот нема да ти спушти“.
– „Нервозна сум“ е збирка што не бара милост; нуди искреност, највисоката форма на храброст. Со оваа книга авторката ја претвора својата „попреченост“ во поетска моќ, покажувајќи дека токму различниот поглед може појасно да го согледа светот. Авторката не се плаши од несовршеноста, туку ја слави како доказ за живот. Збирката не е само поезија; повик е за разбирање, сочувство и љубов кон животот во сите негови облици – стои во најавата на промоцијата.
Книгата на Стефанија е важен придонес кон македонската книжевност оти е веродостоен, вознемирувачки, духовит и силен крик на жена која зборува од маргините. Збирката тропа на вратите на нашите табуа оти авторката храбро се „разголува“ – не од егзибиционизам или од потребата некого да скандализира, туку поради потребата низ сопствените чувства да се допрат мислите и чувствата на луѓето околу нас, на целата заедница. Тоа „разголување“ е поетско, снажно, ангажирано и потребно.


