Две кореографии ќе имаат изведба во Братислава

УГД со продукции на „Скопје танцов театар 2“ учествува на интернационален фестивал во Братислава

Во рамките на Интернационалниот фестивал „Share“ во Братислава, Словачка, на 11 јуни ќе настапат студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ со продукции на „Скопје танцовиот театар 2“, во рамки на програмата на театарот за 2026 година под наслов „Современи кореографи“.

Претставата ќе се одржи во рамки на изведувачката програма на фестивалот, на сцената „Театар – ЛАБ“ на Академијата за изведувачки уметности во Братислава, а ќе бидат изведени две кореографии, продукции на „Скопје танцов театар 2“: „Трендинг апокалипса“ (фрагмент), на кореографката Адријана Данчевска Ровчанин, и кореографијата „Сè уште гледам“ на италијанската кореографка Џилда Цесарио, која беше гостин кореограф на „Скопје танцовиот театар“. Ќе настапат: Надја Луканова, Нина Петрушевска, Ивона Маневска, Елена Терзиева, Теона Ѓуровска, Михаела Колцунова, Миа Петровиќ и Марија Андовска, дипломци на УГД.

Во рамки на фестивалот проф. д-р Рисима Рисимкин на 10 јуни го презентираше трудот „Современиот танц и нови технологии“, а на 11 јуни своја презентација под наслов „Ритамот како кореографски генератор: Композиција на движење преку енергијата на рејв-културата“ имаше доцент Адријана Данчевска Ровчанин, актуелна деканка на Катедрата за современ танц при УГД.

Интернационалниот фестивалот на танцови универзитети „Share“ се одржува од 9 до 13 јуни 2026 година, по шести пат во Братислава, Словачка, како платформа на повеќе европски танцови академии и универзитети, и тоа: „Академијата за изведувачки уметности“ во Братислава, Словачка; универзитетот „Антон Брукнер“ од Линц и Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена од Австрија; Литванската „Академија за музика и театар“; Конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Чешка; „Колеџот за циркуска уметност и современ танц“ од Будимпешта, Унгарија; „Академијата за изведувачки уметности“ од Прага, Република Чешка, и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Македонија.

Огромен број млади уметници, студенти и професори деновиве ги споделуваат своите искуства низ работилници и вечерни програми. Фестивалот „Share“ се формираше во 2017 година, кога за првпат се одржа во Братислава, Словачка, со цел да се постави платформа за соработка на млади европски современи танчери.

Во Братислава фестивалот се одржува секоја втора година, а во 2018 година, второто издание на „Share“ се одржа во рамки на „Танц Фест“ во Скопје и Штип, со учество на преку сто млади уметници и професори.

Од фестивалот произлегуваат голем број соработки, меѓу кои е и проектот „Споделување танцови практики“ на програмата „Ceepus“, кој се одржува во 2025-26, а ќе продолжи и во сезоната 2026-27 и кој овозможува поголема мобилност на студенти на повеќе европски танцови академии и универзитети, меѓу кои партнер во програмата е и Катедрата за современ танц при УГД, истакна професорката и кореографка Рисима Рисимкин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот