Концерт на Националниот џез-оркестар во Струмица

Во ритамот на џезот: Струмица го доби својот прв џез-фестивал

Успешно заврши премиерното издание на „Џез стрим фестивал“ (JAZZ STReam Festival). Во атмосфера исполнета со музичка енергија и урбан дух, првото издание на фестивалот беше нов културен настан што од 4 до 7 јуни ја претвори Струмица во центар на џез-музиката во Македонија и регионот. Фестивалот донесе четири дена богата програма со концерти, книжевни и музички промоции, разговори со автори и музичари, како и џем-сесии и диџеј-сетови на повеќе локации низ градот.

Свеченото отворање се одржа во Големата сала на Центарот на култура „Антон Панов“, со говор на уметничкиот селектор на фестивалот, Никола Маџиров, при што во преполната сала пред повеќе од 500 присутни настапи Националниот џез-оркестар под диригентство на маестро Џијан Емин. Настанот претставуваше прво гостување на оркестарот во Струмица и симболичен почеток на новата фестивалска приказна.

Во текот на фестивалот пред преполната Камерна сцена на Центарот на култура „Антон Панов“ настапија некои од најзначајните имиња на македонската џез-сцена, меѓу кои „Гоце Стевковски Квинтет“, „Тони Китановски Трио“, квартетот „Алиќ, Гошиќ, Ангелов & Јаневски“, квартетот „Трансверз“ (Transverse) со гостинот од Чикаго Чед Меккалоу (Chad McCullough), „Летечки Пекинезери“ и „Хот џез оркестра + Пијан Славеј“. Програмата беше збогатена со промоции на книги и музички изданија, како и со неформални средби меѓу уметниците и публиката.

Гости на фестивалот беа и Костадин Шурбановски-Шурбе, кој во барот „Пијана вишна“ зборуваше за Џез ФМ 100.8 радиото, а одржа и диџеј-сет во „Крафт бар Вторник“, каде што беше претставена книгата „Press & Play“ на гостинот Ненад Георгиевски. Во „Рекорд паб“ се одржа впечатлив џем-сешн и промоција на џез-албумот „Ден потоа“ (Day After) на Горан Алиќ и Александар Таушанов.

Концерт на Националниот џез-оркестар во Струмица

Особена вредност на фестивалот беше неговата распространетост низ градот. Покрај концертните сали, настаните се одржуваа и во повеќе локали и културни простори, со што џезот стана дел од секојдневниот ритам на Струмица. Џем-сесиите и вечерните дружења придонесоа за создавање автентична фестивалска атмосфера и за поврзување на различни генерации љубители на џезот.

Фестивалот се надоврзува на богатата локална џез-традиција, која датира уште од 1967 година, кога во градот бил формиран првиот диксиленд оркестар во Македонија.

Со успешната реализација на своето прво издание, фестивалот покажа дека Струмица има публика, традиција и потенцијал за големи музички настани. Градот четири дена живееше во ритамот на џезот, а впечатокот што го остави фестивалот е дека пред себе има долга и ветувачка иднина.

Фестивалот беше поддржан од Градоначалникот на Општина Струмица и Центарот на култура „Антон Панов“. За извршната реализација се погрижи Томе Марангозов, а за дизајнот и визуелниот карактер, Марјан Sингаров.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 335, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот