Пиво/ илустрација - Фото: Рexels-enginakyurt

ВИДЕО | Археолози во Кина откриле пиво старо 2.300 години во древна гробница

Археолози во Кина откриле неколку литри пиво старо околу 2.300 години во гробница од 4 век пред нашата ера, лоцирана на неколку километри од Кинескиот ѕид, пренесува „Еуроњуз“.

Како што се наведува во истражувањето објавено во научното списание „Журнал за археолошка наука“ (Journal of Archaeological Science), археолозите пронашле бронзен сад со 3,7 литри течност, за која лабораториските анализи потврдиле дека е древно пиво старо околу 2.300 години.

Обичај стар повеќе од два милениуми

Во древна Кина, покојниците често биле погребувани заедно со ферментирани пијалаци, за кои се верувало дека ја олеснуваат комуникацијата со светот на духовите и им носат утеха на починатите во задгробниот живот. Токму оваа традиција, според научниците, го објаснува неодамнешното откритие на археолозите на едно древно гробиште во близина на градот Гујуан, во покраината Нингсја.

За време на ископувањата бил пронајден бронзен сад во кој имало 3,7 литри течност. Подоцнежните лабораториски анализи потврдиле дека станува збор за пиво. Гробницата потекнува од периодот меѓу 445 и 221 година пред нашата ера и се наоѓа на неколку километри од дел од Кинескиот Ѕид.

Илјадници клетки квасец го откриле составот на пијалакот

При лабораториските испитувања, научниците идентификувале 23 класи органски соединенија, меѓу кои аминокиселини, масни киселини и јаглехидрати. Дополнително, биле откриени дури 8.571 клетка квасец. Присуството на просо, пченица и јачмен дополнително потврдило дека течноста навистина била пиво, а не пијалак направен од овошје.

Доказ за напредно производство на пиво во античка Кина

Според истражувачите, пијалакот, кој датира од периодот меѓу 547 и 221 година пред нашата ера, сведочи за изненадувачки развиен и софистициран процес на производство на пиво за тоа време. Иако најстарите траги од алкохолна ферментација во Кина датираат околу 7000 години пред нашата ера, првите пива произведени од житарици преку сладување и варење се стари приближно 5.000 години.

Новото откритие претставува редок и добро сочуван примерок што им овозможува на научниците подобро да ги разберат техниките на производство и улогата што пивото ја имало во секојдневниот и духовниот живот на древните кинески цивилизации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот