Монако - Фото: Wikimedia Commons/Pierre Blaché

ФОТО | Како едно казино го спаси Монако од банкрот и го претвори во симбол на луксузот

Од мало медитеранско кнежевство на работ на финансиски колапс до една од најлуксузните и најскапи дестинации во светот, Монако ја изгради својата модерна слика врз идеја што на почетокот изгледала како очајнички потег — казиното во Монте Карло. Денес оваа држава е синоним за богатство, јахти, Формула 1 и недвижности меѓу најскапите на планетата, но нејзиниот пат до тој статус започнува со економска криза и потреба за целосна трансформација, пишува „Еуроњуз“.

Во неговите пристаништа се закотвени најскапите јахти во светот, улиците се исполнети со брендови како „Ферари“, „Ролс-Ројс“ и „Бентли“, а пазарот на недвижности важи за најскап на планетата. Тука, квадратен метар стан може да чини и над 50.000 евра. Секоја година во мај, Големата награда на Формула 1 ги претвора тесните улици на кнежевството во светска телевизиска сцена. Монако е можеби најуспешниот пример на држава која самата себе се трансформирала во бренд.

Казино Монте Карло – фасада (1905) – Фото: Wikimedia Commons/ Eugène Trutat

Историја на пресврт – Од банкрот до луксуз

Денес, Монте Карло, казиното, луксузното пристаниште Херкулес и хотелот „Де Парис“ се синоними за престиж. Но, средината на 19 век ова мало крајбрежно кнежевство на Азурниот Брег било далеку од рај за милијардери. Тоа било речиси банкротиран ентитет, без природни ресурси и индустрија, со неизвесна иднина.

Пресвртот се случил во 1850-тите, кога Ментон и Рокбрин, двата најважни градови што тогаш припаѓале на кнежевството, се кренале против владеењето на династијата Грималди. Овие градови биле клучен извор на приходи преку продажба на цитруси и маслинки, а со нивното отцепување Монако ја изгубило својата економска основа. Кнежевството морало повторно да се измисли.

Идејата за казино се родила од нуждата на принцот Карло Трети, но и благодарение на деловниот инстинкт на неговата мајка, принцезата Каролина. Таа сфатила дека Монако не може да опстане играјќи според правилата на големите држави. Немале војска, ниту природни богатства, но имале клима, медитерански поглед и нешто што Европа во 19 век го обожавала — коцкањето.

Фотографија од крајбрежната фасада на казиното Монте Карло пред изградбата на Сале Гарние во 1878–1879 година – Фото: Фото: Wikimedia Commons/Godineau de la Bretonnerie

Монте Карло – Мајсторски чин на брендирање

Првите обиди со казиното биле неуспешни, сè додека не се појавил Франсоа Блан, човек што веќе водел успешни казина во Германија. Тој разбрал дека казиното не е само место за игра, туку сцена и ветување. Во 1863 година околу казиното бил создаден нов кварт, именуван по принцот Карло — Монте Карло.

Казиното станало срцето на новиот свет, а во 1864 година бил отворен и хотелот „Де Парис“, кој брзо станал собиралиште на европската аристократија. Монако тогаш ја научило основната лекција на економијата на луксузот: не се продава услуга, туку целосно искуство. Казиното не привлекувало само коцкари, туку и кралеви, банкари, индустријалци и авантуристи. Успехот бил толку голем што во 1869 година Монако го укинал данокот на доход за своите граѓани, создавајќи модерен модел на даночен и општествен рај.

Ако казиното го донело економското спасение, кралското семејство му донело глобален гламур. Венчавката на принцот Рение Трети и холивудската ѕвезда Грејс Кели во 1956 година го претворила Монако во модерна бајка. Настанот го следеле 30 милиони гледачи, што претставувало непроценлива реклама. Грејс Кели ја обликувала сликата на кнежевството како симбол на елеганција што и денес го „продава“ Монако.

Во историјата на Монако значајна улога имал и грчкиот бродовласник Аристотел Оназис. Во 1953 година тој купил значаен пакет акции во компанијата „Сосиете де Бан де Мер“, која ги контролирала казиното и хотелите. Оназис сакал Монако да остане исклучиво за најбогатите, додека принцот Рение настојувал на поголем туризам и економска диверзификација. На крајот, принцот успеал да го ограничи влијанието на Оназис, но грчкиот магнат останал клучна фигура во митологијата на Монте Карло.

Формула 1 и јахти

Денес, казината повеќе не се единствениот „бел дроб“ на државата. Економијата се проширила на недвижности, угостителство и забава. Приходите на групацијата „Сосиете де Бан де Мер“ во 2024 година достигнале 768 милиони евра, при што хотелите сега носат повеќе приходи од самите игри на среќа. Ноќевање во апартманот „Принц Рение Трети“ чини неверојатни 40.000 евра.

Формула 1 додала нова димензија на митот. За време на тркачката недела, пристаништето Херкулес станува центар на светскиот луксуз. Врзување на јахта за време на Големата награда чини од 20.000 до над 500.000 евра за суперјахти. Монако е доказ дека недостатокот на територија може да стане предност. Колку е помало, толку е поретко, а колку е поретко — толку поскапо го продава својот мит. Казината не ја спасиле само државата — туку ја научиле како да се продава на оние што не купуваат сместување, туку свое место во легендата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот