Владимир Мартиновски / Фото: Татјана Ранташа

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Владимир Мартиновски: Бегството од себеси е невозможна мисија

Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денес, зад името го откриваме – не писателот, не професорот – туку човекот Владимир Мартиновски.

Од сите места на кои сте биле, кое најмногу Ве промени како човек и на кој начин Ве промени, иако тоа, можеби, најмалку сте го очекувале?

– Секое патување, кратко или долго, далечно или во соседниот град или село, нè менува, видливо или невидливо. Најбргу чувствувам внатрешни промени кога сум или се враќам од планина. Пред десетина години со сопругата бевме три недели на Андите. И од денешна дистанца, неретко се сеќавам на глечерите, прашумите, вулканите, солените езера, лагуните, еолските карпи, надреалните пејзажи, селата, врвовите, а пред сè на кротките луѓе што ги среќававме на тоа незаборавно патување. Неколку години пред тоа напишав песна „Внатрешни планини“, но по тоа патување имам чувство дека вистински го доживеав напишаното: Андите се населија длабоко во мене и сега секојдневно невидливо ги крстосувам. Затоа, уверен сум дека планините не можеме да ги „освоиме“ искачувајќи ги нивните врвови, но дека тие можат нас да нè освојат за цел живот.

Владимир Мартиновски/Фото: Тоше Огњанов

Од Занзибар лани се вративте со цртежи полни со бои и радост. Постои ли некој момент, човек или ситуација од таму што засекогаш Ви го смени начинот на кој ја разбирате радоста?

– Имаше многу такви мигови, особено при средбите со луѓето. На дваесетина дигитални цртежи и на приближно исто толку поетски или прозни куси текстови се обидов да ја доловам радоста од тие средби, со помош на бои и зборови. Тој ликовно-поетски циклус го нареков „Занзибарии“, а беше изложен неколку месеци во кафе-галеријата „Саман“, каде што органски се вклопи во тој убав простор. Би сакал некој ден овој циклус да се објави и во некоја книга, за таа радост да продолжи да се шири и понатаму. А во Африка има многу волшебни работи, но најубавите би ги поврзал со односот на луѓето кон музиката и танцот.

Ако Вашиот внатрешен ритам или живот треба да се опише преку еден звук, од кој инструмент би доаѓал тој звук и зошто? Кој инструмент жалите што не сте го научиле навреме?

– Инструментите ми се пасија баш затоа што од секој излегува различен звук. Кога би морал да избирам, тоа би биле сепак два изворни инструмента, особено ѕвонливоста и сонорноста на тамбурата, заедно со наполно недофатливите и заумни звуци од кавалот. Има многу инструменти што посакувам да ги свирам, а и сакам да верувам дека ќе има време да ги научам. Истото важи и за јазиците што би сакал да ги говорам.

Што најчесто забележувате кај луѓето уште при првата средба, а подоцна се покажува како точно?

– Неколку работи: пред сè погледот, насмевката, држењето на телото, одот, гестовите, тоа го паметам кај секого. Тоа е тивок, ама речит и универзален јазик.

Владимир Мартиновски/Фото: Данило Коцевски

Кој предмет што го чувате со години има најсилна приказна зад себе?

– Ако и книгите ги сметаме за предмети, иако тие се многу повеќе од тоа кога ги читаме, тогаш одбирам една стара поетска антологија, која уште во средно ми ја подари баба ми, а внатре стои дека претходно некогаш таа ја добила од дедо ми. Таа стара книга за мене е еден вид „временска машина“.

Кога чувствувате дека сте се оддалечиле од себе, каде најчесто се враќате за повторно да се „соберете“?

– Во тие мигови најмногу ми помага прошетка во природа. Таму ни е закажан „состанок со себе“ во секое време.

Што Ви откри јогата за границите и можностите на сопственото тело и ум што не можевте да го научите на друг начин?

– Името јога значи единство. Граници и ограничувања имаме на секој чекор во и околу нас, но суштински значајно е да си дозволиме макар да го насетиме единството зад сите поделби.

Кое Ваше уверување за животот најмногу се промени со годините и што ја предизвика таа промена?

– Последнава година многупати се соочив со краткоста на животот збогувајќи се со многу драги пријатели и роднини. Затоа, се обидувам да ја ценам повеќе драгоценоста на секој миг, на секој нов ден.

Со годините, што сè повеќе Ви станува навистина важно, а што сè помалку Ви значи?

– Сè повеќе ми значи времето поминато со моите дома или со пријателите. Времето поминато со убава книга, посетата на убава изложба, концерт или претстава. И времето што си го нарекуваме „слободно“ време.

Постои ли сознание за луѓето до кое дојдовте подоцна, а откако еднаш го сфативте, Ви се промени начинот на кој гледате на светот?

– Така и го започнавме разговорот: ние постојано се менуваме, некогаш патувајќи, некогаш седејќи дома, читајќи книга или слушајќи музика. Пред неколку дена налетав на стих од естонската поетеса Дорис Карева, кој е едноставен, но длабоко ме потресе: Сите суштества на свој начин се чудни. / Сите се кревки. Како човечки вид, поради технолошките промени и самоубиственото експлоатирање на сите ресурси на планетава, човекот се чувствува супериорно во однос на сите други суштества. Но тоа одново не значи дека е помалку кревко суштество.

Владимир Мартиновски/Фото: Верица Мартиновска

Кога би требало на млад човек да му пренесете едно лично искуство, а не општа мудрост, што би било тоа?

– Личните искуства ги вткајувам во творештвото а се обидувам да ги градам и во тоа што го предавам секојдневно, како некакви мали „маркации“ на патот. Мислам дека младите не бараат општи места и стопати чуени мудрости, тие најмногу учат преку конкретни примери.

Кога човек навистина станува слободен, дали кога заминува од нешто или кога престанува да бега од себе, или можеби нешто сосема трето?

– Бегството од себеси е невозможна мисија и не е чин на слобода. Човек може да биде слободен само ако е одговорен.

Од што најтешко сте се откажале, сте се ослободиле?

– Мислам дека најтешко се ослободуваме од предрасудите. Дури и кога мислиме дека сме ги надминале, нешто ни дава сигнал дека има уште многу работа. Денес ме загрижува нашата зависност, нашата заробеност од новите технологии. Некогаш ми се случува да го заборавам некаде „паметниот“ телефон. И во тие мигови ем чувствувам грижа на совест дека не сум достапен ем ми е нелагодно кога сфаќам колку сум станал зависен, небаре сум затурил дел од себе. Во илузијата дека во секој миг сите ни се достапни денес огромен дел од времето, за жал, ни минува во некоја нова форма на отуѓеност.

Кој мал, обичен момент денес може веднаш да Ви предизвика радост, без никаква посебна причина?

– Насмевките кај луѓето, кога се искрени. Тие мигови на заемна радост од средбата.

Има ли хаику што најмногу Ве опишува во овој период од животот, како би звучело тоа?

со празен самар
магаре в шума носи
невидлив товар

Еве една слика поттикната од средба со едно прекрасно животно од падините на Галичица. Хаикуто одамна го сакам како поетски пристап во кој воопшто не се обидувам себе си да се опишувам. Но и овој поетски облик ни покажува дека кога пишуваме или опишуваме други, ние сме сепак дел од напишаното. Можеби се препознав во тоа мило магаре, па затоа му посветив тристишје? Фелини вели дека целата уметност е автобиографска и не би можел да му противречам. Но, да не должам многу, еве уште едно „сезонско“ хаику, кое го одбирам за последна реченица за овој убав разговор, за кој многу ви благодарам:

мравја патека…
води кон најтајните
шумски јаготки

 

„Човекот зад името“ – Александар Прокопиев: Фантазијата понекогаш не може да ја победи баналноста

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот