„Човекот зад името“ – Александар Прокопиев: Фантазијата понекогаш не може да ја победи баналноста
По промоцијата на неговата најнова книга „Портрети“, познатиот писател Александар Прокопиев го остава настрана авторскиот плашт и низ кратки и искрени одговори го открива својот внатрешен свет.
Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Во оваа рубрика ги оставаме настрана титулите, професиите и успесите – не зборуваме за кариери и проекти, туку за внатрешните состојби, копнежите, сомнежите и пресвртите што го обликуваат човекот. Преку лични и интроспективни прашања се обидуваме да ја откриеме поинтимната страна на личноста.
Препорачано
Денес, зад името го откриваме човекот Александар Прокопиев.

Ако треба да издвоите еден единствен ден од Вашиот живот пред да станете тоа што сте денес – обичен, тогаш незабележлив ден, а денес важен во Вашето сеќавање – кој би бил тој ден и што од него сè уште носите во себе?
– Кога, како дете, замислував дека со огромен вселенски стап го забавувам движењето на планетата Земја за животот да трае подолго.
Секој човек има една ноќ, еден разговор или едно заминување по кое повеќе никогаш не останува ист. Кој момент најдлабоко Ве промени како човек?
– Неколку денови и ноќи, некогаш расфрлани, некогаш собрани на куп.
Кое е најтешкото сознание до кое дојдовте за себе со текот на годините?
– Дека за усовршување на талентот е потребно време.
Што мислите дека најмногу го обликува човекот – љубовта што ја добил или болката што ја преживеал? И што повеќе Ве обликуваше Вас?
– Љубовта што ја добивав и што ја давав почна да ме обликува уште во детството, а од болката што ја добивав и што ја давав подоцна не го изгубив ентузијазмот и радоста кон животот.
Која вистина за животот најдоцна ја прифативте?
– Дека фантазијата понекогаш не може да ја победи баналноста.
Постои ли нешто што со текот на времето престанавте да го барате, не затоа што сте го добиле, туку затоа што сте се промениле?
– Популарност.
Што со годините продолжува да Ви значи, и што тоа кажува за Вас денес?
– Да бидам духовит и да си играм со себе. И со тоа сè уште да си ја хранам креативната енергија.
Кој момент најмногу Ви го промени односот кон себе?
– Да се чувам кога луѓето се настојчиви, зашто можам да донесам пренагласени одлуки. Тогаш е најдобро да се осамам и да размислам. Шетајќи.
Што најдолго Ве држеше во заблуда, а што најтешко успеавте да го пуштите?
– Дека сум безгранично слободен. Најтешко успеав делумно да ја пуштам слободата, ама делот што го задржав сè уште не го давам и си го гушкам.

И покрај сите предизвици со кои се соочуваме, светот сè уште го движат добри луѓе. Кој неодамнешен убав гест, збор или средба Ви го разубави денот?
– Другарството може да биде и уметнички чин ако се открива и развива наспроти брзината на секојдневието. Можете многу да сознаете за другите карактери, ама и за сопствениот, кога имате долготрајни и жилави другари.
Во кој филм или филмска сцена најмногу се препознавате себеси и Вашиот начин на живот?
– Во доцниот пубертет и раната младост, сакав да се вгнездувам во некои филмски ликови имитирајќи ги, често неуспешно, нивните гласови, гестикулации, однесување. За да ја зајакнам својата тогашна еротска несигурност. Денес сè уште се претопувам во силна филмска сцена за да ѝ пркосам на еднонасочноста на холивудската лимонада.
Што во Вашиот живот најмногу Ве направи човекот што сте денес?
– Годините, иако секое утро кога се гледам во огледало, топло се поздравувам.
Кога тој човек што топло се поздравува во огледалото би си посакал една сосема нова вештина што досега немал време да ја научи, што би било тоа?
– Тешко достижната вештина на бестрашниот истражувач на небесните, водни, природни и клеточни тајни ја пренесов на Хермесовата умешност низ територијата на литературата.


