Од септември делумно се пушта градскиот воз, прва ќе профункционира трасата Миладиновци – Транспортен центар
Во утринските часови кои се „ударни“ термини, возови ќе има на секои 15 минути, додека пак во деловите од денот каде е предвиден помал број на патници, линијата ќе тргнува на секои 40 минути, со што предвидени се 18 линии на ден во двата правци. Со оглед на различниот интензитет, во утринските часови ќе трасираат два воза, а попладне во сообраќај ќе биде пуштен само еден воз, соопшти директорот за патнички сообраќај при Македонски железници, Горанчо Јовановски.
Скопје е една од балканските престолнини која сѐ уште се мачи да воспостави квалитетен и ефикасен градски железнички транспорт со кој ќе се намали метежот по улиците и ќе се олеснат капацитетите на автобусите на ЈСП-Скопје, а според најавите на Македонски железници, скопјани првиот градски воз ќе можат да го користат од 1 септември оваа година.
Препорачано
Пробна тура на БРТ, зачувување на зеленилото најголем предизвик
„Слободен печат“ во петокот беше на една пробна тура организирана од здружението „Гоу грин“ или „Биди зелен“, а патешествието започна од пред салата „Партизан“ во Карпош, од каде со автобус се возеше во поголемиот дел од една од предвидените линии на системот за ефикасен и брз јавен транспосрт БРТ, во насока од Ѓорче Петров до паркот „Рајска градина“ во Ново Лисиче, попознат како паркот каде што е последната линија од автобусот број 5.

Низ патувањето не водеше Дарко Арсовски Петровски од организаторот „Гоу Грин“, кој на патот од Карпош до Аеродром говореше за линијата, но и за предизвиците со кои ќе се соочи Градот при изведбата на посебните линии за движење на возилата на БРТ со цел да го зачува зеленилото на главните сообраќајни „артерии“ во Скопје.
– Во поголем дел од проектот линијата на БРТ ќе се направи во третата лента од сообраќаќајот, односно најлевата. Градоначалникот на Скопје соопшти дека централното зеленило на булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“ нема да се чепка и отстранува, со што ќе се скратат преостанатите две ленти, а меѓу лентите за автомобили и БРТ ќе има уште еден ред зеленило, со што се отвора дилемата за велосипедските и пешачките патеки и потребата од нивно кратење или целосно изземање од сообраќајот- вели Арсовски Петровски.
Тој потенцираше дека долж целата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче има повеќе „јазли“ каде се сместени најголемите предизвици, како што се оние кај „Рекорд“ и Судска палата, каде ќе се спојуваат повеќе линии. Постојките за БРТ се предвидени од левата страна, односно спроти тротоарите, со што превозниците откако ќе излезат од автобусот на БРТ, како што вели Арсовски Петровски, ќе треба да преминат преку лентата на БРТ, зеленилото, двете ленти за возила и велосипедска патека за да стигнат до просторот за пешаци, што ќе биде предизвик.

Според него, главната цел е зачувување на зеленилото при изведбата на овој проект, но тој истакна дека Градот, како што вели, не е многу отворен на оваа тема и нема конкретни информации околу начинот на кој зеленилото ќе остане недопрено, ќе останат постоечките пешачки и велосипедски патеки и ќе се воведе системот БРТ. Тој воедно апелираше за поголема транспарентност и јавна презентација на проектот.
Од септември стартува една траса од Градскиот воз
Откако пристигнавме во Ново Лисиче и видовме каде е планирано едно од двете депоа на автобусите, се упативме кон Маџари, каде што не чекаше воз од Македонски железници кој ќе биде еден од возилата за проектот „Градски воз“, кој делумно треба да биде пуштен во септември.
При тест возењето со возот, од Маџари до Транспортен центар пристигнавме за околу 5 минути, со што, како што вели директорот за патнички сообраќај Горанчо Јовановски, времетраењето на целата траса од Миладиновци до Железничка би било 18 минути, што, според него е трипати побрзо во споредба со автобус на ЈСП – Скопје, кому за оваа рута му требаат 65 минути.
– Конечно се вложуваат сериозни средства во реконструкција на железницата и на возниот парк. За жал, видовте кога работевме во Драчево дека има прагови уште од 1959 година и во последните години трасите беа малтене уништени. Сите знаеме железничкиот превоз е најбрз, најбезбен и најмасовен начин на превоз. Само како илустрација, патувањето од крајната станица на третата траса која почнува од Миладиновци до Транспортен центар е 18 минути, а според информациите од ЈСП, нивните автобуси по возен ред оваа траса ја возат за 65 минути, исто така нивниот капацитет е четири пати помал од капацитетот со кој располагаме ние- изјави Јовановски.

Поголем капацитет и побрз транспорт
При возењето од Маџари кон Транспортен тој соопшти дека возот располага со 174 седишта и нема да има простор за велосипедите, но додаде дека новите возови кои ќе бидат набавени за да се исполни „флотата“ ќе имаат простор каде патниците би можеле да ги остават своите велосипеди.
-Ние спроведуваме постапка за набавка на нови возови кои сигуно нема да стигнат за многу брзо, меѓутоа во моментов за пуштањето на оваа траса имаме обезбедено доволно возни средства и се надеваме дека од 1 септември ќе стартува градскиот воз. Во текот на наредната година очекуваме да пристигнат новите возови за кои моментално сме во постапка и во преговори, но сѐ зависи од динамиката на тендерските постапки и локацијата од каде треба да бидат донесени новите превозни средства – соопшти Јовановски.
Во однос на тоа колку често ќе има линии од трасата 3 од градскиот воз, директорот за „Слободен печат“ изјави дека во утринските и попладневните часови кои се „ударни“ термини, возови ќе има на секои 15 минути, додека пак во деловите од денот каде е предвиден помал број на патници, линијата ќе тргнува на секои 40 минути, со што предвидени се 18 линии на ден во двата правци. Со оглед на различниот интензитет, во утринските часови ќе трасираат два воза, а попладне во сообраќај ќе биде пуштен само еден воз.
Тој додаде дека цената на билетот сѐ уште не е одредена и таа ќе биде дефинирана во соработка со Град Скопје и Министерството за транспорт и врски.
Помошник-директорката за пруги при ЈП „Железници инфраструктура“, Ивана Бикоска соопшти дека од 1 септември ќе биде пуштена само пругата од Миладиновци до Скопје, додека пак за трасата Зелениково – Скопје е во завршна фаза и е повеќе од 90 отсто реализирана.
Градскиот воз е предвиден да има три траси, од кои една од Миладиновци, преку Илинден и Маџари до Транспортен центар. Втората траса долга 25 километри ќе поаѓа од Зелениково, преку Драчево, Јане Сандански, помеѓу Кисела Вода и Аеродром до Транспортен центар. Третата и последна траса ќе оди од Железничка станица Скопје, Скопје Север, Ѓорче Петров до станица Волково и е со должина од 18 километри.

Според најавите, сите три траси треба да бидат готови до крајот на 2027 година и е предвидено да имаат по 18 линии дневно, односно вкупно 54 возења на ден.
Како што соопшти помошник-директорката Бикоска, градскиот воз ќе ги користи само постоечките постојки, а според физибилити студијата од Градежниот факултет, предвидена е изградба на две до три нови станици кои, според Бикоска, ќе бидат изградени откако ќе започне проектот.


