Не дочекал да ја гледа серијата „Волшебното самарче“ — тажната приказна на вистинскиот Трајче дрварчето
Еден тажен детаљ го одбележа култното „Волшебното самарче“, првата серија за деца снимена во боја во Македонија, која важеше и за еден од најголемите телевизиски проекти реализирани на овие простори.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Снимањето започнало во 1975 година, во режија на Ацо Алексов, а главната улога на Трајче дрварчето ја толкуваше актерот, музичар и шоумен Игор Џамбазов, објави Вики.мк
Интересен детал е што во серијата три генерации актери од семејството Џамбазов играле важни улоги. Дедото на Игор, легендарниот актер Петре Прличко, го толкувал ликот на дедо Евто, додека неговата мајка Анче Џамбазова ја играла мајката на Трајче.
„Дедо ми Петре го играше дедото Евто, а мајка ми Анче ја играше мојата мајка. Серијата беше еден сон кој ми се случи многу предвреме, отколку што е нормално во животот, еден шок за дете од 12 години“, раскажал Џамбазов во интервју за ТРТ Балкан.
Тој открил дека зад серијата застанала државата, а проектот бил исклучително скап и обемен за тоа време. Во него биле ангажирани меѓу 120 и 150 професионални актери од Македонија, како и илјадници статисти.
„Беа ангажирани и од 2.000 до 3.000 војници на тогашната ЈНА. Половина од нив беа Германци, половина партизани, и тоа беше борбата – сите сакаа да бидат партизани. Тоа беше една од најголемите серии снимена на овие простори“, рече Џамбазов.
Особено емотивна е приказната поврзана со вистинскиот Трајче, момчето кое било инспирација за ликот од романот од Ванчо Николески според кој е снимена серијата. Според сведоштвата, Ванчо Николески присуствувал на првиот ден од снимањето и таму се запознал со младиот Игор Џамбазов, токму за време на една од најтажните сцени, кога Трајче дознава дека татко му загинал во бомбардирањето на Белград.
Но, вистинскиот Трајче во тој период бил тешко болен и починал за време на снимањето на серијата. За жал, никогаш не успеал да ја дочека премиерата и да го види „Волшебното самарче“ на малите екрани.
Џамбазов раскажал и дека снимањето започнало кога бил ученик во шесто одделение и траело цели две години. Бидејќи не можел редовно да посетува настава, државата му обезбедила наставничка во пензија која работела со него за да не заостанува во образованието.
„Ете, до толку државата се грижеше, до најситниот детал“, рекол Џамбазов.
Серијата се емитуваше секој вторник во 17.45 часот и, како што се сеќаваат многумина, учениците по часовите буквално трчале дома за да ја гледаат новата епизода. „Волшебното самарче“ останува запаметено како првиот телевизиски проект кој, симболично кажано, ги испразнил улиците низ Македонија.
Инаку, на 10 јуни пред 114 години во 1912 , е роден македонскиот писател Ванчо Николески , авторот на култниот роман „Волшебното самарче“, едно од најзначајните дела во македонската литература за деца. Токму според оваа книга е снимена и истоимената телевизиска серија, која остави длабока трага кај генерации гледачи.
Ванчо Николески е еден од основоположниците на македонската книжевност за деца и меѓу нејзините најзначајни автори по Втората светска војна. Низ своето богато творештво создаде бројни песни, раскази и романи за деца, а меѓу неговите најпознати дела се „Македонче“, „Волшебното самарче“, „Гоце Делчев“, „Чудотворен кавал“ и „Под виорното знаме“. За својот книжевен придонес добитник е на наградите „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „Младо поколение“, а неговите дела се преведени на повеќе јазици. Во негова чест, Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади. Николески почина во 1980 година.


