Петре М. Андреевски / Фото: Скриншот/Јутјуб

„Ништо не е поприсутно од твоето отсуство“ — Петре М. Андреевски, човекот што ни го подари најубавото опевање на љубовта кон една жена

На денешен ден, 25 јуни 1934 година, во демирхисарското село Слоештица е роден Петре М. Андреевски – еден од најзначајните македонски поети, романописци, раскажувачи и драмски автори. Неговото творештво опфаќа поезија, романи, раскази, драми, есеи и литература за деца, а делата му се преведени на повеќе светски јазици.

Во 2000 година беше избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Основното образование го завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал југословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во Македонската телевизија, бил уредник на списанието „Разгледи“, член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година, а во 1983 година и негов претседател.

„Дениција“, една од најзначајните стихозбирки во македонската книжевност

Меѓу најпознатите дела на Андреевски е стихозбирката „Дениција“, објавена во 1968 година, која книжевната критика ја оценува како едно од врвните остварувања на современата македонска поезија.

Основниот мотив е љубовта кон Дениција – жена чие име асоцира на светлина, убавина и плодност, но и љубовта кон татковината. Во циклусот песни се испреплетуваат љубовни, родољубиви, фолклорни и митски мотиви, поради што Дениција често се толкува и како симбол на Македонија.

Од ова дело произлегуваат некои од најцитираните стихови во македонската поезија, меѓу кои: „Ништо не е поприсутно од твоето отсуство“, „Во тебе беа границите на целокупна Македонија“ и „Блажено е да се живее, а поблажено да се умира, мислејќи само на тебе, Дениција“.

Автор на „Пиреј“ и добитник на највисоките книжевни признанија

Покрај поезијата, Андреевски остави длабока трага и во македонската проза. Неговиот роман „Пиреј“, објавен во 1980 година, се смета за ремек-дело на современата македонска книжевност, а меѓу неговите познати романи се и „Скакулци“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“ и „Тунел“.

За своето творештво ги доби најзначајните домашни книжевни признанија, меѓу кои наградите „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“.

По неговата смрт, на 25 септември 2006 година, постхумно беше одликуван со Орденот за заслуги за Македонија за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност. Во 2022 година, во неговото родно село Слоештица беше отворена спомен-соба во негова чест.

Што се чита во скопските книжевни клубови летово?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот