Барселона воведува нова мерка против жештините: 1.400 работници добиваат паметни нараквици
Работниците во Барселона кои секојдневно работат под отворено небо ќе добијат нараквици што ја следат телесната температура, како дел од мерките за намалување на ризикот од топлотен удар во периоди на сè почести и посилни топлотни бранови, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Градските власти набавиле околу 1.400 нараквици наменети за општинските работници. Меѓу нив се чистачите на улици, вработените задолжени за уличното осветлување, работниците во парковите и службите за отстранување отпад.
Нараквиците ја мерат телесната температура на оној што ги носи и испраќаат предупредување со звук и вибрација кога ќе проценат дека постои зголемен ризик по здравјето. Во таков случај, работникот треба веднаш да ја прекине работата.
Пеп Лимона, координатор за превенција во градските паркови и градини, изјави дека ова е еден од начините за приспособување кон сè поагресивните последици од климатските промени.
Во Шпанија во изминатите години беа регистрирани неколку смртни случаи на работници на отворено за време на екстремни горештини. Тоа доведе до промени во условите за работа и во организацијата на работните процеси во повеќе области.
Шпанија, како и голем дел од Европа, во последните недели се соочува со многу високи температури. Државната метеоролошка служба Аемет соопшти дека јуни оваа година бил втор најтопол досега, а нов топлотен бран се очекува за време на викендот.
„Бидејќи од година во година станува сè потопло, мора да бидеме уште повнимателни на работа“, рече Естер Хименез, раководителка на комуналната компанија.
Таа додаде дека стравува оти дел од работниците би можеле да добијат топлотен удар.
Над 1.000 смртни случаи во Шпанија по рекордниот јунски топлотен бран


