Ибрахимовиќ: Судиите прават сè за Роналдо да го освои Светското првенство
Хрватска го заврши настапот на Светското првенство по драматичниот пораз од Португалија (2:1), но наместо за фудбалската претстава, јавноста зборува за контроверзната судиска одлука во самиот финиш на натпреварот.
Препорачано
Во 94. минута, Хрватите постигнаа гол за израмнување на 2:2, кој по долга ВАР-проверка беше поништен поради наводен офсајд, детектиран со помош на технологијата и чипот во топката. Одлуката предизвика бурни реакции кај фудбалските аналитичари и поранешните асови.
Во свој препознатлив стил реагираше Златан Ибрахимовиќ, кој без двоумење ја обвини судиската организација дека фаворизира одредени репрезентации.
„Судиите прават сè што е во нивна моќ за да му помогнат на Кристијано Роналдо да го освои Светското првенство, а потоа слушаме дека Меси е миленик на ФИФА. Ова е очигледен грабеж. Топката воопшто не го допре хрватскиот играч. Навивачите не доаѓаат за да гледаат екрани, туку емоции и драма. ВАР повеќе не ги исправува очигледните грешки, туку бара милиметри што никој на стадионот не ги гледа“, порача Ибрахимовиќ.
Легендарниот француски напаѓач Тиери Анри остро ја критикуваше примената на технологијата, оценувајќи дека ваквите интервенции ја нарушуваат суштината на играта.
„Не ја разбирам оваа одлука. Судијата и ВАР системот го уништија еден од најголемите моменти на Светското првенство. Не можете да поништите толку важен гол ако доказот не е сосема очигледен. Го гледав видеото неколку пати и не гледам дека Матановиќ воопшто ја допрел топката. Ако цртањето линии трае толку долго, тогаш грешката не е очигледна. Жал ми е за хрватските играчи, бидејќи е донесена погрешна одлука“, изјави Анри.
Со критики се приклучи и поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Ники Бат, кој смета дека ваквите ситуации му нанесуваат штета на спортот.
„Не можам да верувам што видов. За ова ќе се зборува со години. Кога проверката трае толку долго, се поставува прашањето дали ВАР навистина исправува грешка или бара причина да поништи гол. Фудбалот не треба да се анализира под микроскоп. Сочувствувам со Хрватска, бидејќи ваквите одлуки можат емоционално да го уништат тимот. Фактот што по ваков натпревар зборуваме за судиите, а не за играчите, кажува сè“, изјави Бат.
ВИДЕО | Хрватска немаше среќа, Португалија преку драма до осминафинале
Контроверзната одлука предизвика бројни реакции и на социјалните мрежи, каде што навивачите и дел од фудбалската јавност ја доведуваат во прашање примената на ВАР-технологијата во клучните моменти од натпреварите. Дебатата околу тоа дали технологијата му помага или му штети на фудбалот повторно е во центарот на вниманието по драматичниот крај на дуелот меѓу Хрватска и Португалија.


