Фото: Selecoes de Portugal

ВИДЕО | Хрватска немаше среќа, Португалија преку драма до осминафинале

Португалија со гол во четвртата минута од судиското продолжение ја елиминираше Хрватска (2-1) и обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство, каде што ја очекува дуел со Шпанија. Натпреварот понуди сѐ што може да посака еден фудбалски љубител, три погодоци, бројни шанси, стативи, пречки и дури поништени голови поради офсајд.

Во првото полувреме иницијативата беше целосно на страната на Португалците, кои создадоа повеќе опасни ситуации пред голот на Хрватска, но не успеаја да ја материјализираат надмоќта. „Коцкестите“ беа речиси незабележителни во нападот, па на паузата се замина без голови.

Продолжението донесе сосема поинаква слика. Хрватска заигра многу поофанзивно и во 53. минута стигна до водство преку Перишиќ. Само неколку минути подоцна следуваше нов удар за Португалија, но вториот погодок на Хрватите беше поништен поради офсајд. Истото му се случи и на Кристијано Роналдо, чиј гол исто така не беше признат.

Израмнувањето пристигна во 68. минута, кога по интервенција на ВАР беше покажано на белата точка. Роналдо ја презеде одговорноста и сигурно реализираше за 1-1.

Возбудувањата не запреа ниту во завршницата. Во 81. минута Сучиќ повторно ја затресе мрежата на Португалија, но и тој погодок беше поништен поради недозволена позиција. Неколку моменти подоцна, Леао ја погоди пречката, а на спротивната страна Ковачиќ ја затресе стативата.

Клучниот момент се случи во 94. минута, кога новото засилување на Милан, Рамош, најдобро се снајде по центаршутот на Леао и со удар со глава го комплетираше пресвртот за голема победа на Португалија.

Хрватска до самиот крај се обидуваше да избегне елиминација и во последните секунди повторно ја испрати топката во мрежата, но и тој погодок беше поништен поради офсајд, со што Португалија го завери пласманот меѓу најдобрите 16 селекции.

Во осминафиналето Португалија ја очекува дерби против Шпанија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот