ВИДЕО | Драма во Сиетл: Белгија со пенал во 125 минута за осминафинале, Сенегал испушти два гола предност
Фудбалската репрезентација на Белгија обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство, откако го победи Сенегал со 3:2 по голем пресврт и продолженија во Сиетл, САД.
Препорачано
Сенегалците го започнаа натпреварот подобро и се заканија во 13 минута преку Исмаила Сар, чиј удар заврши малку покрај десната статива. Сар имаше уште една добра шанса во 25 минута од натпреварот, а многу брзо потоа Сенегал поведе со 1:0 преку голот на Хабиб Диара.
Во 51 минута, Сенегалците го зголемија своето водство, Mуса Ниакате му асистираше на Исмаила Сар, кој постигна гол за одлична предност од 2:0.
Белгија не се предаваше, имаше шанса да го намали резултатот во 78 минута, но ударот на Доди Лукебаки заврши малку покрај левата статива. Сенегал се бранеше добро и се чинеше дека ќе го зачува водството до крајот на мечот, но Белгијците успеаја да се вратат во натпреварот за само три минути.
Прво, Ромелу Лукаку постигна гол во 86 минута за намалување на негативата на 2:1, а три минути подоцна Јури Тилеманс израмни за 2:2.
🇧🇪 Belgium have qualified for the Round of 16!#FIFAWorldCup
— FIFA World Cup (@FIFAWorldCup) July 1, 2026
Следуваа двете продолженија од по 30 минути, по мирното прво продолжение, Сенегал го започна подобро второто продолжение. Ударот на Ибрахим Мбаје во 109 минута заврши малку покрај левата статива од белгискиот гол, додека ударот од далечина на Сапок Ндијаје во 113 минута беше безбедно одбранет од Куртоа.
И кога сите помислија дека овој меч ќе заврши со ударите од белата точка, само четири минути по шансата на Ндијаје, судијата Саид Мартинез од Хондурас досуди пенал за Белгија откако играчот од средниот ред на Сенегал, Ламин Камара, го фаулираше Јури Тилеманс во сопствениот шеснаесетник со лизгачки старт. По осум минути чекање, пеналот го изведе Тилеманс, кој со многу сигурен удар го совлада Диао и му донесе предност на својот тим.
Мечот се играше неверојатни 132 минути, Сенегалците се обидуваа со сите сили да дојдат до израмнување, но безуспешно. Белгија сега ќе го чека победникот од натпреварот помеѓу САД и Босна и Херцеговина во осминафиналниот меч закажан за 6 јули повторно во Сиетл.


