Ужас во Њујорк: тибетански активист се самозапали пред зградата на ОН
Маж вчера се самозапали во близина на седиштето на Обединетите нации во Њујорк, откако на тротоарот поставил знаме поврзано со владата на Тибет во егзил во обид да упати апел за независност, објави „Гардијан“.
Препорачано
Полицијата во Њујорк го пронашла тешко изгорениот маж по итен повик, а тој потоа бил пренесен во болницата „Белијвју“, каде што бил прогласен за мртов.
Полицијата не го објави неговото име и не наведе можен мотив за неговото дејствување.
„Војс оф Тибет“, медиум на Тибетанци во егзил, соопшти дека тибетанскиот активист Лобга Рангцен „се самозапалил пред седиштето на ОН во Њујорк по јавно упатен апел за тибетска независност и единство“.
Според локални американски медиуми, тој бил возач за „Убер“ и на местото пристигнал со тибетско знаме. Неговиот колега, Лобсанг Палјор, изјавил дека го познавал Рангцен од собири во тибетанската заедница.
Тој изјавил и дека Рангцен бил „разјарен од ограничувањата што кинеската влада им ги наметнала на неговите сонародници“.
САД и Европската Унија изразија загриженост поради новиот кинески закон за етничко единство, кој стапи на сила оваа недела и ѝ дава на Пекинг правна основа за преземање мерки против луѓе надвор од неговите граници.
Си Џинпинг присуствува на прославата на 60 години кинеска власт врз Тибет
Законот создава „заеднички“ национален идентитет меѓу 55-те етнички малцинства во земјата, меѓу кои се Тибетанците и Ујгурите, од кои некои се спротивставуваат на кинеското управување. Тибетанци ширум светот се противат на законот.
Во минатото, Тибетанци извршувале самозапалувања во знак на протест против политиките на Пекинг во Тибет и во соседните региони со големо тибетанско население.
Кина воспостави контрола врз Тибет во 1950 година, што го опишува како „мирно ослободување“ од феудален систем на ропство.
Меѓународни организации за човекови права и тибетански егзиланти, меѓутоа, редовно го осудуваат, како што велат, репресивното владеење на Кина во тибетанските области. Пекинг ги отфрла ваквите оценки.
Прашањата поврзани со етничките малцинства се високо чувствителни во Кина, при што Тибетанците и другите малцинства се под силен надзор поради сомневања за „сепаратизам“.
Пекинг ја зајакна институционалната контрола во Тибет по доаѓањето на Си Џинпинг на власт во 2012 година.
Тенчо Гјатсо, претседателка на Меѓународната кампања за Тибет, го опиша Рангцен како „неуморен застапник за Тибет“ и изрази длабока тага поради неговата смрт.
Рангцен го снимил индицентот во „Фејсбук“ пренос во живо. Предупредуваме дека видеото содржи вознемирувачки сцени, а доколку сакате, можете да го гледате на следниот линк.
ВИДЕО | Американски војник се самозапали пред израелската Амбасада во Вашингтон


