Дамаск му кажа „не“ на Трамп: Сирија нема да влегува во Либан за да го разоружува Хезболах
Иако сириската влада има силна одбивност кон Хезболах поради воената поддршка што групата му ја даваше на поранешниот сириски режим, јасно е дека шефот на Ал Шаибани, сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, нема апетит за воена авантура преку границата.
Сирија и Либан со децении имаат сложени односи, при што сили од двете земји низ годините интервенирале една во друга.
Препорачано
Американскиот претседател Доналд Трамп стави до знаење дека би сакал уште една таква интервенција. Во последните недели тој повеќепати повика Сирија да ја преземе водечката улога во разоружувањето на проиранската либанска група Хезболах.
Сиријците се воздржани кон таквата идеја, а одлуката на сирискиот министер за надворешни работи Асад ал-Шаибани, за време на неговата посета на Бејрут вчера, меѓу соговорниците да го вклучи и претседателот на либанскиот парламент и клучен сојузник на Хезболах, Набих Бери, е уште еден показател за позицијата на Дамаск, пишува „Ал џазира“.
Иако сириската влада има силна одбивност кон Хезболах поради воената поддршка што групата му ја даваше на поранешниот сириски режим, јасно е дека шефот на Ал Шаибани, сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, нема апетит за воена авантура преку границата.
— Средбата со Бери сигнализира пресврт во однос на посетата на Ал-Шаибани минатиот октомври, кога тој ја избегна шиитската политичка елита. Тоа покажува дека Дамаск сака работна комуникациска линија со секоја либанска компонента, вклучително и со блокот што е најблизок до Хезболах — изјави за „Ал џезира“ Невар Хавач, висок аналитичар за Сирија во Меѓународната кризна група.
Тешка историја
Ако се оствареа желбите на Доналд Трамп, Сирија ќе беше вовлечена во ново поглавје од долгата и тешка историја со Либан, земја врз која со децении имала силно политичко и воено влијание. Односите меѓу двете држави никогаш не биле едноставни, Сирија долго време доминирала во либанските внатрешни прашања, додека, пак, Хезболах, од друга страна, во минатото активно беше вклучен во војната во Сирија на страната на режимот на Башар ал-Асад.
Корените на оваа сложена врска се многу постари од современите конфликти. Дел од териториите што денес се во состав на Либан со векови биле управувани заедно со делови од Сирија во рамките на Отоманската Империја, сè до 1918 година.
По распадот на отоманската власт, и Сирија и Либан паднале под француска контрола, а независност стекнале во 1946 година. Но, уште од самиот почеток во Либан постоеле различни ставови околу тоа дали земјата треба да функционира како независна држава или да биде дел од поширок концепт на „Голема Сирија“.
Под власта на Хафез ал-Асад, а потоа и на неговиот син Башар ал-Асад, Сирија воено присуствуваше во Либан речиси три децении. Сириската војска влезе во Либан во 1976 година и остана таму до 2005 година, кога се повлече по масовните антисириски протести. Сепак, и по повлекувањето, Дамаск продолжи да влијае врз либанската политика преку свои локални сојузници.
Падот на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година создаде можност за нов почеток во односите меѓу Дамаск и Бејрут. Новите сириски власти, кои излегоа од долгата војна против поранешниот режим, немаат симпатии кон Хезболах бидејќи групата воено му помагаше на Асад и беше обвинувана за напади врз сириски цивили. Поради тоа, кај многу Сиријци постои длабока одбивност кон Хезболах.
Дамаск сака да гради врски со Либан
Сепак, тоа не значи дека Сирија сака да влезе во Либан за да ја разоружува групата. Напротив, посетата на сирискиот министер за надворешни работи Асад ал-Шаибани на Бејрут покажа дека Дамаск се обидува да гради канали за комуникација со сите важни актери во Либан. Особено значајна беше неговата средба со претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, близок сојузник на Хезболах и една од најважните фигури во шиитската политичка заедница.
Според аналитичарите, таа средба покажува дека Сирија сака внимателно ресетирање на односите, но без враќање на стариот модел на доминација. Наместо директно мешање или воена интервенција, новиот Дамаск настојува да воспостави политичка и безбедносна координација со Либан. Целта е да се намали недовербата, да се отвори простор за внатрешен либански дијалог и за прашањето за оружјето на Хезболах да не прерасне во нова конфронтација.
Хезболах изгуби сила
Хезболах е ослабен по израелските удари во 2024 година, кога беше убиен голем дел од неговото воено раководство, вклучително и Хасан Насрала. Но, групата и понатаму останува важен воен и политички фактор. Затоа аналитичарите предупредуваат дека секој обид за насилно разоружување би можел да предизвика поширок регионален судир со силна секташка димензија.
Пораката од Дамаск е дека Сирија не сака да биде инструмент на американски или на израелски план за отворање нов конфликт во Либан. Наместо тоа, новите сириски власти сакаат односи без туторство, без прекин и без воена интервенција — преку дијалог, координација и преку постепено решавање на отворените прашања.


