Куманово / Фото: Зоран Милановски / Google Maps

Собирањето смет во Куманово поскапе за 30 отсто

Цената на услугата за собирање и транспортирање комунален отпад во Куманово се зголемува за 30 отсто, одлучи мнозинството во Советот на Општина Куманово, пишува СДК.мк.

Според новиот ценовник, за станбен простор физичките лица ќе плаќаат 5,85 денари по квадратен метар. За станбен простор надвор од градежниот реон 3,80 денари по квадратен метар, додека за дворно место ќе се наплатува 0,39 денари по квадратен метар. За дворно место кај физичките лица надвор од градежниот реон нема да се наплаќа.

За деловен простор на правните лица цената ќе изнесува 16,25 денари по квадратен метар, за производните субјекти 2,86 денари, а за деловниот простор во Индустриската зона „Речица“ 5,72 денари по квадратен метар. За дворно место кај правните лица ќе се наплатува 0,65 денари по квадратен метар.

Според директорот Сашо Томиќ, корекцијата на цената е оправдана имајќи ги предвид зголемените трошоци за минималната плата, горивото, резервните делови и амортизацијата на возилата.

Опозицијата жестоко се спротивстави на одлуката, оценувајќи дека градот е преполн со смет, комуналната хигиена никогаш не била на пониско ниво и дека граѓаните не добиваат соодветна услуга ниту за сегашната цена, а камоли за повисока.

ЈП „Чистота и Зеленило“ е во милионски долгови, и само минатата година има направено загуба од над 300.000 евра. Има проблем и со вработување општи работници, поради ниските плати. Дел од советниците сметаат дека поскапувањето нема да ги реши финансиските проблеми на претпријатието, и побараа Општината да помогне со поголеми инвестиции во неговиот развој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот