Македонците не се откажуваат од ќумбиња, за една сезона изгореле над милион кубици дрва
На второ место е електричната енергија со 24,6 проценти, додека 18,6 проценти од семејствата користат комбинација од два или повеќе енергенти како основен начин на греење.
Повеќе од еден милион кубни метри огревно дрво потрошиле македонските домаќинства во текот на 2024 година. Иако последниве години сè повеќе семејства инвестираат во инвертер-клими, топлински пумпи и соларни колектори, дрвата остануваат убедливо најкористен енергент за греење. Ова го покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика, кои откриваат и како се менуваат навиките на граѓаните, но и колку енергија трошат домаќинствата низ државата.
Препорачано
Според Анкетата за потрошувачка на енергија во домаќинствата за 2024 година, 38,2 проценти од домаќинствата се греат на огревно дрво, дрво од овошни насади или дрвени отпадоци. На второ место е електричната енергија со 24,6 проценти, додека 18,6 проценти од семејствата користат комбинација од два или повеќе енергенти како основен начин на греење. На системите за централно греење од јавни котларници се потпираат 10,8 проценти од домаќинствата.
Официјалната статистика покажува дека во текот на 2024 година биле потрошени 1.057.290 кубни метри огревно дрво, што е еднакво на 1.510.414 просторни метри. Покрај дрвата, домаќинствата потрошиле и 29.964 кубни метри дрво од овошни насади и растителен отпад, 79.817 тони пелети, 3.613.848 литри нафта, 2.543.185 килограми течен нафтен гас и 220.672 нормални кубни метри природен гас.
Најголема потрошувачка на огревно дрво има во Скопскиот Регион, каде што се потрошени 183.267 кубни метри, по што следуваат Југозападниот Регион со 164.169 кубни метри, Пелагонискиот со 148.969 кубни метри и Полошкиот Регион со 139.234 кубни метри.
Во меѓувреме, вкупната потрошувачка на електрична енергија во домаќинствата достигнала 3.150.348 мегават-часови (MWh), а речиси една третина од таа количина е потрошена во Скопскиот Регион.
Половина од домот останува незагреан
Податоците покажуваат интересен тренд. Просечниот дом во Македонија има површина од 91,93 квадратни метри, но во просек се загреваат само 49,99 квадратни метри. Тоа значи дека семејствата загреваат само 54,4 проценти од вкупната станбена површина, најчесто поради високите трошоци за енергенси. Во исто време, просечниот број членови во едно домаќинство е намален на 3,04 лица, што е значително помалку во споредба со пред десет години. Иако дрвата сè уште доминираат, статистиката покажува дека граѓаните сè повеќе се насочуваат кон енергетски поефикасни решенија. Во 2024 година во земјава се регистрирани 277.115 инвертер-клима уреди, што ги прави најзастапени електрични уреди за греење и догревање.
Раст бележат и топлинските пумпи, кои според податоците, во просек загреваат 132,1 квадратни метри по уред, што ги прави едно од најефикасните решенија за загревање на домовите.
Истовремено расте и интересот за обновливите извори на енергија. Во Македонија веќе 91.545 домаќинства имаат поставено соларни колектори, со вкупна инсталирана површина од 227.686 квадратни метри.
Иако цените варираат во зависност од регионот и квалитетот, на пазарот моментално кубен метар буково дрво најчесто се продава по цена од 4.000 до 5.500 денари, додека дабовото дрво достигнува 4.500 до 6.000 денари.
Мешаните дрва се движат меѓу 3.500 и 4.500 денари за кубен метар. Во повеќето градови дополнително се наплаќа транспортот, кој може да изнесува од 500 до над 2.000 денари, во зависност од оддалеченоста.
– Најголем интерес има за буковото дрво, бидејќи дава повеќе топлина и подолго гори. Купувачите веќе почнуваат да резервираат количини уште во јули, бидејќи стравуваат од можни поскапувања пред зимата – вели продавач на огревно дрво од Скопје.
Негов колега вели дека засега нема промени во цените.
– Во моментов цените се стабилни. Доколку нема проблеми со транспортот или снабдувањето, не очекуваме значителни поскапувања. Најголемата побарувачка секогаш почнува кон крајот на летото и почетокот на есента – додава тој.
Сè уште има семејства што тешко ги плаќаат сметките
Анкетата открива и дека 10,6 проценти од домаќинствата постојано имаат финансиски проблеми при плаќањето на сметките за електрична енергија или при набавката на огрев за зимата.
Од друга страна, 40 проценти од анкетираните изјавиле дека никогаш немаат такви тешкотии.
Иако Македонија постепено преминува кон помодерни и поекономични начини на греење, бројките покажуваат дека огревното дрво останува главниот извор на топлина во домовите. Во услови на високи цени на енергијата и неизвесност на пазарот, голем дел од семејствата и натаму сметаат дека дрвата се најисплатливото решение за претстојната грејна сезона.
Дрва за огрев има, опожареното дрво е со низок квалитет и се продава по драстично пониска цена


