УЈП собрала повеќе даноци, раст од 16,4 проценти кај ДДВ и рекордна наплата на данокот на добивка
Управата за јавни приходи (УЈП) во првата половина од 2026 година бележи значителен раст на наплатата на речиси сите видови даноци, а во април е остварена највисоката месечна наплата на данокот на добивка во последните пет години, соопшти директорката на УЈП, Елена Петрова. На прес-конференција во Владата, Петрова информираше дека приходите од данокот на добивка во првите шест месеци од годинава се зголемени за 14,5 проценти во однос на истиот период лани, додека наплатата на данокот на личен доход е повисока за 11,7 проценти.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Раст е забележан и кај данокот на додадена вредност (ДДВ), каде што наплатата е зголемена за 16,4 проценти, како и кај придонесите, кои бележат пораст од 7,6 проценти во споредба со првата половина од минатата година. Според Петрова, стабилната наплата овозможува редовно обезбедување средства за финансирање на јавните потреби на државата.
-Растот кај данокот на добивка беше континуиран во секој месец од годината и се бележи кај сите компоненти. Повисоките приходи се резултат на подобрите финансиски резултати на компаниите во 2025 година, што создаде повисока даночна основица за годишниот данок и за аконтативното плаќање во 2026 година- изјави Петрова.
Таа посочи дека раст има и кај приходите од задржан данок и данокот на вкупен доход. Кај данокот на личен доход, зголемување е евидентирано во сите месеци од годинава, а најголем раст е забележан кај доходот од работа, договорите на дело, авторските права, закупнините, капиталните добивки, добивките од игри на среќа и годишниот данок на доход. Петрова нагласи дека во март и јуни е постигната највисоката месечна наплата на данокот на личен доход во последните пет години.
-Растот во 2026 година е значително повисок од оној што беше остварен во 2025 година. Кај данокот на добивка растот е дури 17 пати поголем од ланскиот, а кај данокот на личен доход речиси двојно повисок. И кај ДДВ растот е континуиран, и покрај намалените даночни стапки за дел од нафтените деривати- истакна директорката на УЈП.


