Дрва за греење / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дрва за огрев има, опожареното дрво е со низок квалитет и се продава по драстично пониска цена

Среќа што годинава гореа нискостеблести растенија, а шумското дрво остана речиси нечепнато, велат од ЈП „Национални шуми“. Речиси 90 отсто од пожарите се предизвикани од човечки фактор, а потпалувачите ги уништуваат „белите дробови“ на државата

Огревно дрво има доволно во складиштата на ЈП „Национални шуми“, а околу 85 отсто од дрвото е исечено и наредено и подготвено за продажба. На оние што склучиле договори во почетокот на годината преку пензионерските здруженија или синдикатите до март веќе им беа доставени. Цените на огревното дрво речиси и не се разликуваат од ланските, велат од ова јавно претпријатие за „Слободен печат“.

Така метар просторен даб чини 3.192 денари со ДДВ, додека за истото количество исечена бука се плаќаат 3.092 денари со ДДВ. Единствено за 100 денари е поскапена услугата за достава, оти секое преместување или превртување на дрвата чини. Оние граѓани, пак, кои не може да обезбедат превоз, ќе платат по 400 денари од метар кубен. Но, во приватните складишта, дрвата се продаваат од 4.750 до 5.000 денари.

Големата разлика во цените на дрвата за огрев во „Национални шуми“ и приватните складови се должи на тоа што приватните складови не подложат на Регулаторна комисија и тие слободно ја формираат цената на производите.
Поради опасноста од шумските пожари на отворено од 1 јули до 31 август годинава е воведена целосна забрана за движење во шумите и тоа во периодот од 00.00 до 24:00 часот, на територијата со која стопанисува јавното претпријатие.

Според податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари (EФФФИС), кој обезбедува податоци за пожарите и изгорените површини од сателитски мониторинг, најголеми штети од шумски пожари во 2024 година се забележани во Македонија, каде што според системот ЕФИС, изгореле 95.181 хектар од 131 пожар што биле регистрирани во текот на годината на целата територија.

– Среќа што годинава гореа нискостеблести растенија, а шумите останаа нечепнати. Речиси 90 отсто од пожарите беа предизвикани од човечки фактор, но тие што потпалуваат не размислуваат за непроценливите штети од еколошки аспект и ги уништуваат „белите дробови“ на државата – велат од ЈП „Национални шуми“.

Инаку, годинава се променети условите за обезбедување на огревно дрво од приватната сеча, па така наместо 30 отсто, како до пред две години, сега 70 отсто од него треба да заврши во складиштата на ЈП „Национални шуми“. Од оваа институција додаваат дека имаат огромни загуби од сечењето на опожареното дрво.

– Наша законска обврска е да го расчистиме теренот во рок од две години, па потоа да пошумуваме. Дел од опожарената маса се користи и за производство на трупци за градење, бидејќи дрвата беа опожарени само на површината. Ваквото дрво е со многу слаб квалитет и ние мора да го продаваме под реалната цена, односно многу поевтино, а цената на услугата се зголемува, бидејќи никој не сака да влегува на таквите места. Затоа и загубите од ова дрво се огромни – додаваат од ЈП „Национални шуми“.

Односот на вкупната површина под шума во вкупната површина на Македонија се движи помеѓу 35,5 и 39,2 проценти, стои во анализата на Министерството за екологија. Земјава имала најголема површина под шума во 2021, а најмала во 1990 година.

– Во 2023 година има намалување на вкупната површина под шума за 15 проценти во однос на 1990 година. Во 2023 година во однос на 2021 година исто така се забележува намалување на површините под шума за 4 проценти – покажува анализата на оваа институција.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното производство на шумски производи во државните шуми во четврто тримесечје од 2024 година изнесува 95.287м3 и во однос на четврто тримесечје од 2023 година е намалено за 26,7 отсто. Зголемување на шумското производство е забележано кај трупците од листопадните видови, рудничкото дрво од листопадните видови, другото обло дрво од иглолисни видови и кај просторното дрво од иглолисни видови.

Намалување на шумското производство е забележано кај трупците од иглолисните видови, рудничкото дрво од иглолисни видови и кај огревното дрво од иглолисни и листопадни видови. Во истиот период продажбата на шумски сортименти изнесува 96.247 м3 и бележи намалување за 28,8 отсто. Шумите во државна сопственост доминираат во земјата, зафаќајќи 90 проценти од вкупната површина под шуми и 92 проценти од вкупните дрвни резерви.

Приватните шуми, пак, се распоредени на повеќе од 200.000 парцели, кои се во сопственост на околу 65.000 домаќинства, со просечна површина од 0,6 хектари по домаќинство.
Според статистичката публикација „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ од 2019 годинана, 49,5 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат огревно дрво како примарен извор на енергија, а 31,3 отсто се топлат на струја. Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот