Бранко Азески / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Азески: Го имам прошетано цел Балкан и сè уште гледам луѓе кои не разбираат колку е важно заеднички да работиме

Економскиот развој е невозможен без отворање на границите, решителна борба против корупцијата и сивата економија, забрзана гасификација и поддршка на извозот и стабилна правна рамка – рече претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески на форумот организиран од Стопанската комора.  Азески порача дека регионот мора да ја засили меѓусебната соработка и да ги прифати европските вредности.

-Го имам прошетано целиот Балкан. Нема метар квадратен каде што не сум бил. Наместо вистинска соработка, сè уште гледам луѓе кои не разбираат колку е важно заеднички да работиме. Ова е јасна порака дека мора да градиме цврсти темели дома, а потоа тие вредности да ги шириме и во регионот- истакна Азески.

Тој потенцираше дека во време на кризи, улогата на стопанските комори е да им помогнат на компаниите да ја препознаат поврзаноста меѓу одржливоста и конкурентноста.

Азески уште еднаш нагласи дека бизнисот инсистира на отворање на границите и ја поздрави соработката со Владата во насока на подобрување на економските врски со клучните трговски партнери.

-Во последните шест месеци заеднички настапуваме на странските пазари и очекуваме тој пристап да продолжи и во иднина- рече тој.

Според него, Македонија во изминатите години поставила солидни основи за справување со големите предизвици, но останува уште многу работа.

-Не смееме да се откажеме од борбата против корупцијата и сивата економија, од брзата гасификација, поддршката на извозот и континуитетот на правните прописи. Тоа се темелите врз кои ќе се гради идниот развој на државата – нагласи Азески.

Тој оцени дека земјата покажала отпорност, успешно справувајќи се со енергетската, финансиската и здравствената криза, како и со безбедносните предизвици во регионот.

-Сега нема враќање назад. Продолжуваме напред и ги повикуваме МАНУ, универзитетите и невладиниот сектор да се приклучат во креирањето политики што ќе бидат во интерес на компаниите, граѓаните и државата-порача Азески.

На форумот се обратија и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и евроамбасадорот Михалис Рокас.

Пакистанци и Бангладешани ќе ни готват и ќе ни градат куќи — бизнисот бара спас во увоз на работници

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот